Француските градови кои се обидуваат да ги забранат рекламите на отворено

Активисти во Лил протестираат против поставувањето билборди, додека Гренобл има заменето стотици реклами со дрвја и огласни табли. Дали е можно целосно отстранување на рекламите од јавните простори?

Во 2016 пишувавме за Американецот Џордан Сајлер, кој во осаменичка акција ги заменуваше билбордите и постерите по автобуски постојки и други јавни површини со свои дела, што поттикна слична акција во повеќе од 40 градови во светот. Оваа година најактивни во протестите против „визуелното загадување“ кое ни го одземаат вниманието и го злоупотребуваат просторот кој треба да биде сечиј (затоа и се вика „јавен“, нели?), беа жителите на неколку француски градови.

Така, во Лил, активисти почнале да покриваат со бела хартија ротирачки реклами кои се натпреваруваат за три секунди внимание на минувачите, а кои промовираат попуст на замрзнати ракчиња или на виски.

Болничарка која е дел од акцијата изјавила дека 11 години третира болни луѓе во итната помош, но дека ова го прави за да излекува едно болно општество. „Не можеш да бидеш среќен додека пешачиш ако постојано некој те потсетува на нешта кои ги немаш. Рекламите ти го кршат духот, те збунуваат во врска со она што навистина ти треба и ти го одвлекуваат вниманието од реалните проблеми“, вели таа.

Франција со децении има добро организирано анти-рекламно движење, со опсег од герила протести со спрејови до сериозни судски случаи. Но сегашниот „бум“ се однесува на дигиталното рекламирање - покривање или друг начин на саботирање на она што одзема уште повеќе внимание од обичен билборд, блескави видео монитори во урбаните простори, од железнички платформи до трговски центри.

Трендот секој квадратен градски милиметар да се претвори во можност за рекламирање станува и политичка борба на левицата. Француската партија, La France Insoumise (Непокорена Франција), неодамна поднесе амандман со кој би се забраниле видео рекламите над тоалетите и писоарите. Наречено „Мочај на раат“, движењето се бори за редок момент на мир барем додека човек е во Ве-це. Од 2015, 25 француски градови се „колонијализирани“ со над 2000 екрани во 1200 тоалети.

Во Франција, и во светот, се актуелизира дебатата за тоа што е точно „јавен простор“ на кој приватните компании можат да стават билборди и реклами. Продавниците, на пример, се сметаат за приватни простори, и не се подложни на локалните рекламни правила. Така, сите излози можат да постават монитори зад своите стакла, кои сепак се гледаат од улицата и „зрачат“ и во јавниот простор.

Во меѓувреме судовите изрекуваат казни против оние кои протестираат, со на пример 900 евра за уништување на реклами со црн фломастер во чин на граѓанска непослушност. Но има и поинакви примери - „зелениот“ градоначалник на Гренобл, кој во март на локалните избори можеби ќе го добие својот втор мандат, во претходните четири години успеал својот град во подножјето на француските Алпи да го направи прв европски урбан центар кој го забранува комерцијалното урбано рекламирање. Во моментов единствени места каде тоа е дозволено, иако прилично ограничено, се автобуските и трамвајските постојки во овој град.

извор

23 декември 2019 - 09:19