Нервал, уште на тинејџерски години, почнал да пишува сложени епски поеми, но и сатирична поезија која го критикувала тогашниот премиер, језуитите и анти-либералните медиуми. На само 19 години, со минимално познавање на германскиот јазик, го почнал амбициозниот проект на превод на Гетеовиот „Фауст“. И покрај голем број маани, неговиот превод имал и доблести, и придонел да се воспостави неговата поетска репутација. Гласот за неговата писателска способност стигнал и до Виктор Иго, кој не само што го канел во својот дом, туку и го замолил Нервал за поддршка кога една од неговите драми била нападната од конзервативните критичари. Така тој станал дел од кружок кој ги вклучувал, меѓу останатите, Александар Дима и Оноре де Балзак.
Често патувал, и тоа на Блискиот Исток и низ Европа, пишувајќи за она што го видел. Истовремено активно продолжил да ги преведува германските романтични поети, и да го реобјавува „Фауст“ со корекции.
Сепак, многумина сметале дека се однесува чудно, а во еден момент бил затворен и во психијатриска болница, после што еден од француските критичари, кои очигледно не биле на негова страна, објавил преран некролог. Една од работите која наводно укажувала на неговото пореметено ментално здравје, било тоа што Нервал како љубимец чувал јастог, кого го шетал врзан за сина свилена лента. Според негови биографи за ова го имал изјавено следново:
„Зошто јастогот би бил нешто понеприфатлив од куче, или мачка, или газела, лав или кое и да е друго животно кој некој би си го одбрал за шетање? Ми се допаѓаат јастозите. Тие се мирни, сериозни суштества. Ги познаваат тајните на морето, не лаат, и не ја нарушуваат приватноста како што тоа го прават пците. Гете имал аверзија кон кучињата, па пак никој не вели дека поради тоа бил луд“.
Сè посиромашен и дезориентиран, Нервал извршил самоубиство во 1855. Оставил кратка порака до неговата тетка: „Не ме чекај вечерва, затоа што ноќта ќе биде црно-бела“. Неговите дела, особено краткиот роман „Силви“ извршиле влијание врз редица уметници и научници - од Марсел Пруст и Умберто Еко, до Карл Јунг. А референци на неговиот јастог се начекуваат и на најнеобични места:
Претходно: Кога Сартр халуцинирал дека го следат ракови