Според Ани Коен-Солал, која во 1987 објави биографија од повеќе од петстотини страници под наслов „Сартр: еден живот“, славниот филозоф не само што секојдневно во себе внесувал по две кутии цигари, пушел неколку лулиња, пиел вино, пиво, вотка и виски, туку и рутински земал по 200 милиграми амфетамини, педесет грама аспирин, големи количества барбитурати, плус чај и кафе.
И сето ова не влијаело на неговата продуктивност или интелектуална бистрина. Сепак, едно конкретно искуство со мескалин го довело речиси до работ на умот, а секако влијаело врз неговата понатамошна работа.
Додека пишувал книга за имагинацијата, Сартр сакал од истражувачки причини да има и халуциногено искуство. Ваква шанса добил во 1935 кога еден негов добар пријател, д-р Даниел Лагаш, го поканил да присуствува на експеримент во болницата Света Ана во Париз, каде се согласил да му биде инјектиран мескалин и да биде набљудуван под контролирани услови. Тој немал лош „трип“ во класичната смисла, но сепак доживеал голем и пролонгиран напад на паника, кој траел долго време по самиот настан.
Со недели не можел да гледа како што треба, куќите за него имале лица со очи и вилици, а часовниците му изгледале како бувови. На неговата партнерка Симон де Бовоар и рекол дека се плаши затоа што еден ден можеби нема да знае што од сето ова е халуцинација а што не. Најлошото сепак било што замислувал дека насекаде го следат ракови, на улица, во училница, во кафана. Во интервју од 1971 тој вели:
„Се навикнав на нив. Ќе се разбудев наутро и ќе речев: Добро утро малечки, како спиевте? Ќе зборував со нив цело време, или ќе речев - во ред, момци, сега одиме на школо, треба да бидете мирни и тивки, и тие ќе беа околу мојата катедра, сосема мирни, додека не ѕвонеше“
Ова се случувало една година пред Сартр да се сретне со неговиот пријател, психоаналитичарот Лакан. „Заклучивме“, изјавил подоцна тој, „дека сето ова се должи на стравот од останување сам“. Иако уште од детството Сартр имал страв од морски суштества, особено од ракови, по трипот со мескалин тие станале главен симбол во неговото дело.
Така, во неговата збирка раскази „Ѕидот“ има неколку референци кон раковите, исто како и во неговиот славен есеј „Егзистенцијализмот е хуманизам“ od 1946. Највпечатливата употреба на мотивот на ракот сепак се наоѓа во неговата драма од 1959, „Проколнатите од Алтона“ во која главниот лик Франц замислува дека до 30-тиот век луѓето ќе станат ракови кои ќе им судат на оние од дваесетиот.
Овој симбол на членконогот кој оди наназад, според толкувачите го означува концептот на слобода, кого раковите, кои изгледа дека бесмислено талкаат во групи, не можат да го остварат. За Сартр лично тие, и големиот јастог кој продолжил да го прогонува и откако ефектите на мескалинот се ублажиле, бил потсетник на вознемиреноста, стравот од болка и од смрт и на фундаменталниот апсурд на постоењето.
Извор: Open Culture