Голем дел од древната медицина била базирана на теории за телото кои денес изгледаат површни и опасно поедноставени. Нејзини жртви биле и „обични“ луѓе, но и денес познати филозофи.
Хераклит, кого го знаеме како Панта реи (сè тече, сè се менува) или „оној што рекол дека не можеш да влезеш во иста река два пати“, и не бил некој со доверба кон другите луѓе, а богами знаел да биде и депресивен (го викале „кенкачкиот филозоф“ зошто постојано нешто се жалел). Немало кого не критикувал - од религијата на своето време (мистичните култови), преку Хомер, Хесиод, Питагора. Единствен со кого се согласувал бил пророкот Бијант Приенски, еден од седумте грчки мудреци, кој рекол - „Повеќето луѓе се лоши“.
Иако малку се знае за неговиот живот, според неговиот биограф Диоген Лаертиј, барем знаеме од што и како умрел. Сиротиот „наапан“ Хераклит кој велел дека сè тече, имал проблем со - отоци. Официјалните доктори не можеле да му помогнат па решил сам да се справи со ова. Бидејќи му било логично дека вишок вода во телото би испарил ако телото е топло, се покрил со свежи лепешки. Едни велат дека се закопал себеси во куп од кој потоа не можел да излезе. Други дека наредил неговите слуги да го намачкаат од глава до пети со лепешки и излегол да се суши на сонце, по што локални кучиња, кои се уплашиле од појавата, го нападнале.
Додуша, легендата можеби е намерно смислена за да биде иронична, бидејќи една од теориите на Хераклит, кој сметал дека светот го движи огнот, е дека душите по смртта стануваат вода, па дека сувата душа во текот на животот е најдобра.