Филмската индустрија не може да се насити од книги за адаптирање

Секоја година, поради стриминг платформите, постои огромна глад за нови и нови содржини кои би можеле да се адаптираат за филм. Голема шанса за писателите - само за кои?

Продукциските компании, како и читателите, барем од англиското говорно подрачје, својот избор за тоа што би адаптирале односно читале главно го засноваат врз бестселер листите, на пример онаа на Њујорк Тајмс. Сепак, бидејќи тоа значи дека интересот би се фокусирал само на мал број книги, продуцентите се вртат кон книжевните клубови на славните личности, како начин да сфатат во кој правец се движи вкусот на публиката, но и кои содржини би можеле да станат блокбастери.

Понекогаш не се чека за таков клуб да биде формиран, туку тоа се иницира. Таков е случајот со клубовите на Рис Витерспун и Ема Робертс, кои се поттикнати од агенција која застапува не само писатели туку и сценаристи, режисери и некои од најплатените холовиудски актери. Така, ваквите клубови стануваат корисни за сите засегнати страни - писателите си ги промовираат своите дела, нивните проекти стануваат атрактивни за филмски и телевизиски купувачи кои пак чувствуваат дека инвестираат во проект кој ќе им го зголеми бројот на гледачи/претплатници. Актерите пак кои се инволвирани во процесот се и првите кои би дошле предвид за некоја од улогите. 

И тоа не е сè. Книжевниот клуб на Витерспун, на пример, директно вбризгува книжевно адаптирани сценарија во „Хелоу Саншајн“, нејзината продукциска компанија. Често сите вклучени во процесот го адаптираат материјалот буквално седејќи во иста просторија. 

Комбинацијата на поддршката од славна личност, добрите критики и местото на бестселер листите се одлучувачки за тоа кои книжевни соништа ќе се визуелизираат за на голем или мал екран. Тоа значи дека оние помалку познатите писатели кои не добиле награда, зад кои не стои јака агенција или кои не го привлекле вниманието на некој друг вонкнижевен начин немаат големи шанси. Но добрата страна е што поради огромната потреба од текстови почнуваат да се прилагодуваат и такви за кои Холивуд порано не би бил заинтересиран, нешта кои типично се тешки за филмување. 

Што се однесува до сумите кои ги добиваат авторите чии дела се екранизираат, тие можат да достигнат милиони. Дури и пишувањето пилот сценарио може да се хонорира со сума од шест цифри. Лошата страна за авторите-к’сметлии е што ова може да ги направи помрзливи, па тие веќе да не се мотивирани да прават други нешта како подучување на помладите или правење подкасти. 

извор