Велат дека во времето на Едгар Хувер, првиот директор на Федералното биро на САД малку требало да имате досие - доволно било во писмена форма да се обидувате да ја одгатнете смислата на животот. А кој друг го прави тоа подобро од филозофите и писателите, кои така по дефиниција стануваат сомнителни типови?
Во 1945/6 ФБИ ги следело Сатр и Ками, надевајќи се дека ќе открие дали нивниот егзистеницијализам и апсурдизам се всушност прикриен комунизам. За Хувер сè било потенцијално кодирано пре-пишување на Комунистичкиот манифест, па оттаму агентите морале детално да ги проучуваат книжевните дела и да присуствуваат на предавања на осомничените интелектуалци.
Самата помисла, се вели во текст на оваа тема во Слејт, дека некој со физиономија на тепач минува денови и денови над примерок од „Битие и ништожност", или пушејќи Голоаз облечен во црна ролка колку да се стопи со париската студентско-интелектуална елита, е урнебесно смешна. Па сепак, токму тоа и се случувало. Самиот Хувер на почетокот од следењето на Ками побарал од канцеларијата на ФБИ во Њујорк да земе предвид „некој си Алберт Кани (Albert Canus)". Коректорската грешка е исправена кога некој агент собрал храброст да му укаже на тоа на Хувер.
Нешто подоцна, во '60-тите и '70-тите ФБИ следел и домашни автори, особено ако тие самите си го барале. Така, Гор Видал го навредил ФБИ во едно ноќно шоу, после што агентите планирале да пишат анонимно писмо до телевизијата со поплаки дека емисијата „смрди" и дека треба да биде укината. Норман Мeјлер бил следен откако ја искритикувал Џеки Кенеди заради тоа што „зборувала премногу меко". За Буковски и да не зборуваме - да протекла информацијата од неговите досиеја дека е „одличен кираџија" тоа сигурно ќе му ја уништило кариерата.
Ниту една од овие истраги, за ниту еден писател, не открила ништо посебно. Егзистенцијализмот и апсурдизмот можеби биле субверзивни теории на свој начин, но тие не претставувале ниту директна ниту долготрајна закана за Америка, освен ако не ги сметате книжевните снобови, кои се преправале дека ги читале овие автори.