Федералните агенти како книжевни фанови

Кога писател се сомничи за тероризам

Вилијам Волман е американски писател, добитник на Националната награда за белетристика. Тој во септемврискиот број на Харпер магазин објави текст под наслов „Живот како терорист", во кој ја прераскажува содржината на сопственото FBI досие.

Волман бил сомничен за терористички активности, веројатно имајќи ги предвид неговите необични патувања во Авганистан, афинитетот кон проститутки и супстанци со различен степен на легалност, како и склоноста кон радикални каузи. Меѓу другото, како аргумент за оправданоста на следењето, во досието се вели дека во секое негово дело „опстојуваат теми на анти-растеж и анти-прогрес". Човекот инаку дипломирал на Корнел, а романот за кој ја има добиено престижната награда во 2005, „Европа Централ“, е фикционализирана историја на Втората светска војна.

Волман ја нарече содржината на 294-те страници до кои успеал да дојде повикувајќи се на Актот за слобода на информирањето (целото досие има повеќе од 700 страници) „интелигентна, но фатално непропорционална и дискриминирачка". Тој бил осомничен во случајот Унабомбер (испраќањето бомби преку писма), истрага која ФБИ ја водеше 17 години и која важи како најскапа во нејзината досегашна историја. И по апсењето на Тед Кажински во 1996, за кого се докажа дека е човекот-бомбардер, следењето на Волман продолжило.

„Како да почнам да ги карактеризирам овие интересни суштества", пишува Волман за оние кои го следеле. „Тие не го почитуваат американскиот начин на живот. Веројатно го сакаат на свој начин, па дури и замислуваат дека го штитат. Но кога станува збор за луѓе како мене или тебе, тие едвај чекаат да го ограничат или да го нарушат, да го надзираат и да душкаат".

 

Секако, неговиот случај не е ни прв, а веројатно не е ни последен на следење на познати уметници и писатели од страна на Федералното биро. Неодамна Bukowski.net објави 113 директно скенирани страници од досието на Буковски. Во 1968 различни ограници на владата на САД извршиле „истрага во врска со државниот служебник Чарлс Буковски", веројатно затоа што биле навредени од некои негови написи, особено од колумната Notes From a Dirty Old Man (Белешки на еден валкан старец), која излегувала во хипи таблоид наречен Open City од 1967-1969.

Сепак федералците не откриле кој знае што, дури и помалку од она на што се надевавме. Буковски според газдата на сега славниот бунгалов на aвенијата Де Лонгпре број 5124 бил мирен и повлечен човек, одличен кираџија, кој не се дружел со соседите. А самиот автор во интервју за ФБИ изјавил дека колумните, 41 од нив во времето на истрагата, се „мешавина на фикција и факти и дека се високо романтизирани за тоа да ги зачини приказните". Сепак ФБИ не оставила белешки ниту за евентуалната политичка содржина на текстовите на Буковски, ниту за нивната книжевна вредност.

11 септември 2013 - 08:41