Во 1930-тите се појавиле први модели на машини за куцање кои работеле на сличен принцип како и телефоните на паричка - ставаш железна монета која активира тајмер и имаш одредено време, во случајов половина час, нешто да напишеш. Ги имало по хотелски соби, но и на други јавни места каде можеле да затребаат.
Изумот делува како одлична превенција за „писателска блокада“, бидејќи времето буквално станува пари, и човек не може да си дозволи да се ѕвери низ прозорец додека часовникот отчукува, туку треба да е навистина подготвен нешто да напише.
Реј Бредбери немал проблем со пишување, односно се обидувал да си ја одржи кондицијата со креирање барем еден краток расказ секоја недела. Неговиот совет бил - живеј во библиотека, односно во таков простор кој нема да ти го отргнува вниманието од нешто друго. Ова го применувал прилично буквално, бидејќи во раните 1950-ти поминувал голем дел од времето во библиотеката Пауел на Универзитетот Калифорнија во ЛА. Неговиот мотив да биде брз и ефикасен бил двоен - од една страна оставал дома деца на чување, а од друга користел машина за куцање на паричка. Не можел да си дозволи посебна канцеларија, а во гаражата каде поставил работна маса ќерките постојано го задевале.
Оваа висока концентрација при пишувањето значело и штедење пари и брзо враќање дома. Но кога по 22 години зборувал за „Фаренхајт 451“, која ја напишал токму на ваква машина за куцање, бил особено горд што во неа немал променето ниту еден збор, освен што подоцна ја дополнил оригиналната верзија под наслов „Пожарникарот“, тогаш кога конечно нашол издавач.
И на крај загатка: ако машината наплаќала по 10 центи на половина час, а тој притоа потрошил 9 долари и 80 центи, тогаш за колку часови ја напишал книгата?