Фани и Феликс Менделсон се родиле во музичко семејство. Мајка им ги подучувала пијано, а пак нејзин наставник бил студент на Бах. На 13 години Фани можела да ги интерпретира сите 24 прелудиуми од „Добро темперирано пијано“ на овој германски композитор - исклучително тешки за изведба.
Заедно со брат ѝ Феликс, кој бил четири години помлад, се придружиле на берлинско музичко друштво, тогаш раководено од композиторот Карл Фридрих Зелтер. Тој бил толку импресиониран од младата Фани, што во писмо адресирано до Гете изјавил: „Ова девојче е нешто посебно“.
Но ѝ таткото и братот на Фани не биле подеднакво воодушевени од нејзините музички активности - повеќе ги толерирале, отколку што ги поддржувале. Во едно писмо таткото ѝ порачал на ќерка си: „Музиката веројатно ќе му стане професија на Феликс, но за тебе таа може, и мора да остане само украс“.
Така, одреден број композиторски дела на Фани биле објавени под името на брат ѝ, вклучително и денес позната „Италијанска“ симфонија. Ова предизвикало непријатност при прием во Бакингeмската палата, кога кралицата Викторија го замолила Феликс да ја изведе нејзината омилена мелодија, самата почнувајќи да ја пее - токму „Италијанската“. Феликс бил доволно фер да признае дека таа е всушност дело на неговата сестра.
Сè на сè се претпоставува дека Фани напишала над 460 дела, меѓу кои и голем број во форма на „песни без зборови“ (кратки лирски композиции за пијано), жанр по кој подоцна ќе стане познат нејзиниот брат. Првото дело под сопственото име, Опус 1, го објавила дури на 41 година. За иронијата да биде уште поголема, многу брзо потоа починала.
Скршен од тага, Феликс го напишал Гудачкиот квартет број 6 во нејзин спомен, едно од ретките мрачни дела на инаку веселиот и оптимистичен композитор. Неколку месеци потоа и самиот починал. Погребан е веднаш до сестра му.
Слушнете го циклусот во 12 дела за пијано „Годината“ на Фани Менделсон, со композиции за секој месец од годината. Без двоумење ќе ја препознаете атмосферата на секој од нив - романтизам во неговиот полн сјај.
Претходно: 6 композиторки подзаборавени од историјата