Епидемијата на коњски грип од 19 век која ја парализирала американската економија

Во време кога коњите биле од суштинско значење за економијата на САД меѓу нив почнала да се шири смртоносна болест, која ја закочила целата економија.

Пандемијата поттикна историски потсетувања на слични големи епидемии кои убиле голем број луѓе. Но, и животните ги убиваат болести, а тие директно влијаат врз човечката економија.

Во 1872 американската економија растела додека младата нација се индустријализирала и се ширела кон запад. Но таа есен еден неочекуван шок го парализирал и социјалниот и економскиот живот. Во денешни термини тоа би можело да се опише како енергетска криза, но не станувало збор за недостаток на фосилно гориво. Причината бил вирус кој се ширел помеѓу коњите и маските од Канада до Централна Америка.

Со векови коњите обезбедувале енергија која била од суштинска важност во градењето и функционирањето на градовите. Коњскиот грип направил да стане поочигледно значењето на партнерството помеѓу луѓето и животните. А пандемијата поттикнала таква парализа која би можела да се спореди со на што би се случило денес доколку одеднаш снема бензин или струја.

Првиот регистриран случај се јавил на крајот на септември кај коњи кои паселе во близина на Торонто. За само неколку денови повеќето од животните во пренаселените градски штали го фатиле вирусот. Владата на САД се обидела да ги забрани канадските коњи но мерките задоцниле. За само еден месец пограничните градови биле инфицирани, а „болеста на канадските коњи“ станала епидемија во Северна Америка. На почетокот на 1873 веќе биле заразени и градовите на западниот брег.

Симптомите на грипот биле недвосмислени - коњите почнувале да кашлаат и кревале температура; ушите им свиснувале, тие се тетеравеле и понекаш паѓале од умор. Според некои проценки, грипот убил 2% од околу 8 милиони коњи во Северна Америка, но голем број имале симптоми и не биле способни за работа.

Вирусите ќе бидат идентификувани дури по 20 години, па сопствениците немале баш голем број опции што да прават со своите животни. Ги дезинфицирале шталите, подобро ги хранеле и ги покривале со нови ќебиња. Сатирични белешки во весниците велеле дека големиот број малтретирани коњи умирале од шок од толкаво ненадејно внимание. Имало и алтернативни лекови: џин и ѓумбир, тинктури од арсен, па дури и религиозно исцелување.

Коњите умирале, ама и на луѓето не им било лесно без нив. Без коњи немало достава на храна и на јаглен, магацините биле преплавени со производи и сировини кои немало кој да ги доставува. Возовите не можеле да ја преземат оваа улога па престанале и да застануваат на некои станици каде депоата биле преполни со стока. Бидејќи морало да се пешачи, помалку се одело на свадби и погреби. Очајни компании најмувале луѓе за да ги влечат вагоните.

Тешко им било и на пожарникарите чии тешки водни пумпи ги влечеле коњи. На 9 ноември 1872 се случил катастрофален пожар во Бостон кој тие не можеле да го совладаат. Тогаш станало јасно дека коњите не се само приватен имот туку „тркала во големата социјална машина, чие стопирање подразбира штети за сите класи луѓе“.

Фактот што некои сопственици ги терале коњите да влечат дури и болни поттикнало реакции на поборниците за превенција на суровост кон животните, меѓу кои се истакнувал Хенри Берг. Во ноември оваа година излезе биографска книга за неговите напори под наслов „Предавник на својот вид“, како и подкаст епизода на Њујорк Тајмс во кој се дискутира раѓањето на движењето за заштита на животински права. Иронично е што Берг не бил некој голем љубител на животни, но истовремено мразел човечка суровост. Ги искористил своето богатство, врски и книжевни таленти за да лобира властите во Њујорк да прифатат прв модерен закон против суровост кон животни, а тој самиот носејќи беџ на инспектор одел по улиците и бранел животни од малтретирање. Меѓу нив и спомнатите болни коњи. Висок, совршено дотеран со цилиндер и сребрен бастун, тој влегувал во конфликт со секакви луѓе, меѓу кои најгласни биле транспортните компании чии активности ги спречувал доколку вклучувале недоволно хранети или болни коњи. На неговиот гроб е прикажано токму тоа животно, за чија заштита придонел, тогаш кога било најтешко.

извор

18 декември 2020 - 09:01