„Одењето на училиште“ во соседната соба пред монитор, на неколку чекори од креветот, додека надвор врне, може да изгледа супер решение дури и кога не би имало пандемија. Но чувството за „тука“ и „таму“ е пореметено, некои деца не излегуваат по цел ден од пижами, а некои деца не можат да сфатат дека ваквиот начин на школување е нешто сериозно, па на онлајн час се однесуваат како да се на гејмерска сеанса.
Во сето ова можеби помага ако се знае дека ваквите предизвици не се нови. Како што пишува професорот од Стенфорд Мајкл Хајнс во текст во Вашингтон пост, пред скоро 100 години во Чикаго образованието течело во слични околности во текот на епидемијата на полио. Вo 1937 градот ги затворил училиштата после што јавноста кренала паника за тоа зошто учениците се оставени сами на себе (звучи познато, нели?).
Станувало збор за 325,000 ученици од основно, а единствената достапна технологија била радиото, кое се уште бил нов медиум во контекст на образованието во 1930-тите. Тогаш се дошло до идеја дека тоа би бил идеален начин за организирање настава, со тоа што наставниците ги емитувале своите предавања, а преку oтворени телефонски линии комуницирале со родителите за евентуални прашања и коментари. На првиот ден имало над 1000 повици и морале да бидат ангажирани дополнителни наставници.
И иако е необично, тогашната достапност на технологијата била (барем во Чикаго) подобра од денес - во доцните 1930-ти над 80% од домаќинствата во САД имале барем едно радио, освен во руралните области и помеѓу црното население. Она што било различно во однос на денешното онлајн образование е што немало начин како да се регистрира присуството на учениците, па ова останувало на семејната контрола.
Оваа програма траела три недели пред училиштата повторно да се отворат. Некои ученици имале проблем со следењето на наставата која била униформирана а не прилагодена на нивните потреби. Точно како што се случува и сега, со тоа што олеснетата двонасочна комуникација сепак овозможува полесно прилагодување - според истражување на УНИЦЕФ 94% од земјите примениле некој вид учење на далечина во текот на актуелната пандемија. И тоа ќе мора да остане така уште некое (долго?) време.