Во октомври 1959 година, грчкиот економист и гувернер на Банката на Грција, Ксенофон Золотас, излегол на говорница на конференција на Меѓународната банка за обнова и развој и направил нешто што изгледа речиси невозможно: одржал говор на англиски јазик користејќи речиси исклучиво зборови со грчко потекло. Не бил националист (ништо од неговата биографија не укажува на тоа), но веројатно сакал малку да си поигра со некои од поголемите сили, можеби предвидувајќи дека неколку децении подоцна токму тие ќе ја скројат економската судбина на Грција.
Настапот не бил лингвистички трик или националистичка демонстрација, туку интелигентен потсетник на огромното влијание што грчкиот јазик го има врз научниот, политичкиот и филозофскиот речник на Западот. Доволно е да се помисли на зборови како „демократија“, „економија“, „филозофија“, „теорија“, „политика“, „дијагноза“, „стратегија“ или „критериум“ – сите тие денес делуваат како меѓународни, но нивните корени водат кон грчкиот јазик.
Особено впечатлив е почетокот на говорот, каде Золотас вели:
„Тоа е проклетството на Ѕевс врз нашата епоха што се бориме меѓу Скила на монетарното изобилство и Харибда на економската анемија.“
Во оваа реченица речиси секој значаен поим – „епоха“, „економија“, „анемија“ – има грчки корен, додека митолошките слики на Скила и Харибда го поврзуваат современиот свет со античката традиција.
Во говорот има и покомплицирани реченици, како: „Нашите политики треба да бидат повеќе ортолошки, но тоа не треба да се претвори во плеторофобија“, во која Золотас прави и игра на зборови. „Преведено“, тој сака да каже, во контекстот на 1950-тите, дека светските економски политики треба да бидат порационални и добро промислени, но без претеран страв од изобилство или од прекумерно економско проширување. Тука тој игра и со зборови, бидејќи „плеторофобија“ не постои како збор во грчкиот но постојат плетора во смисла на прекумерност и фобија, во смисла на голем страв.
Говорот останал запаметен како една од најнеобичните и најелегантни демонстрации на културната моќ на јазикот. Тој не докажува дека англискиот е „грчки“, ниту дека некој јазик е супериорен над другите. Но, на луциден начин покажува дека зад секојдневните зборови што ги користиме – од „демократија“ до „дијагноза“ – се крие долга историја на културни патувања и заемни влијанија, во кои грчкиот јазик има исклучително важно место.
Золотас, освен гувернер на Банката на Грција во три неповрзани периоди, бил кратко време (1989-1990) и технички премиер на Грција. Никогаш не припаѓал на политичка партија и настапувал како независен кандидат.
Говорот на англиски тука