„Пица ефект“ е појава кога елементи од култура на одредена група или народ се делумно трансформирани и прифатени на друго место, а потоа како такви се ре-увезени во првичниот контекст. Ефектот зборува за тоа како самата заедница се разбира себеси и колку е подложна на надворешни влијанија. Алтернативни и академски термини за истото се „ре-енкултурација“ или „самоориентализација“.
Името го добил по начинот на кој пицата, откако доживеала огромна популарност вон Италија, потоа повторно била увезена во домицилната култура. Вака го објаснува авторот на терминот „ефектот на пицата“, индускиот монах, професор по антропологија, Агеананда Барати:
„Оригиналната пица била едноставно печено лепче без какви и да е додатоци, дел од калабриската и сицилијанската селска кујна. По Првата светска војна, од потомците на овие селани во Америка, се појави многу посложено јадење, американската пица, со голем број величини, вкусови и бои. Таа се врати назад во татковината кога овие луѓе доаѓаа да ги посетат роднините. Тeрминот и самиот производ добија ново значење и нов статус, а сега пицата беше прифатена не само на југот туку и низ цела Италија“.
Помеѓу примерите на ре-увезено културно добро спаѓаат популарноста на јогата во Индија, прославата на денот на Св. Патрик во Ирска (исто така донесена од САД), „тепанјаки“ - западно повлијаена јапонска кујна која потоа стана популарна во сама Јапонија, салса музиката на Порториканците кои се преселиле во Њујорк во 1930-тите итн.
Интересно е дека откако одреден елемент ќе стане популарен, на домицилната култура одеднаш „ѝ светнува“ дека го има тоа нешто и станува горда на него до степен што (делумно) измислената традиција станува идентитетски симбол. Оди сега кажи на Италијанец дека пицата е измислена во Америка...