Да разликуваш „десно“ од „лево“ е нешто што за многумина е исто толку лесно колку и да разликуваш „горе“ од „долу“. Но за значајно малцинство, и тоа според неодамнешна студија еден од шестмина (се пријавуваме како тој ’еден’), ваквата дистинкција е проблем. Дури и помеѓу оние за кои ова не е предизвик може да има такви кои при гласна врева или друг тип деконцентрација лесно се би се збуниле.
„Речиси никој нема потешкотија да одреди што е назад и напред, или горе и долу“, вели Инеке ван дер Хам, професорка по невропсихологија на Универзитетот Лајден во Холандија. Но разликувањето лево и десно се различни, вели таа. „Тоа е поради симетријата, и затоа што кога ќе се свртиш страните се обратни - тоа ја прави целата збрка“.
Ова е во суштина прилично сложен процес кој вклучува меморија, јазик, визуелно и просторно процесирање и ментална ротација. Истражувачите допрва почнуваат да разбираат што точно се случува во нашите мозоци кога го правиме ова, и зошто тоа е полесно за некои луѓе, додека други за да се снајдат мораат да помислат со која рака пишуваат или на која страна имаат тетоважа. Уште покомплицирано е она „не мое, твое десно“, односно менталното ротирање на себеси така за да сме свртени во иста насока како и соговорникот.
Истражувањето објавено од Ван дер Хам и нејзините колеги во 2020 покажало дека околу 15% од луѓето се изјаснуваат како недоволно способни за да идентификуваат лево и десно. Речиси половина од 400-те учесници во студијата изјавиле дека користеле некаква стратегија за да идентификуваат која им е која рака.
Истражувачите искористиле нешто наречено „Бергенов тест“ за да увидат како функционираат овие стратегии. Учесниците гледале во слики од онакви просто нацртани човечиња, свртени или кон нив или обратно, со рацете во различни позиции, при што учесникот требало да идентификува дали нагласената рака на човечето е лева или десна. Ова изгледа лесно, но ако ви покажуваат стотици слики и се бара од вас да бидете брзи, можноста за збунка е голема.
Резултатите биле многу подобри кога тестираните седеле со рацете на маса пред нив, а човечето било свртено со грб, или со лице, но со прекрстени раце. Тогаш идентификувањето со сопственото тело позиционирано во истата насока помагало во давањето точен одговор. Но кога учесниците седеле со рацете прекрстени на масата или пак кога тие им биле покриени со платно, тогаш нештата станувале покомплицирани.
Очигледно нашето тело е клучниот елемент во идентификувањето на лево-то и десно-то, и тоа ни служи како ориентир за проценка на позиционираноста на другите околу нас. Ако е така, тогаш колку што нечие тело е поасиметрично, толку би требало да е полесно тој некој да разликува лево од десно. Но бидејќи просторната когниција е нешто што може да се надоградува и развива, оние што полесно се снаоѓаат можеби имале и подобар тренинг како деца.
Иако има голем број секојдневни сценарија во кои разликувањето лево од десно е важно, има и такви кога тоа е апсолутно критично. Отстранувањето погрешен бубрег или ампутирањето погрешен екстремитет, на пример, би можело да има огромни последици. И не само во областа на медицината - се вели дека грешка на кормиларот, кој го однел бродот на десно наместо на лево, придонела за потонувањето на Титаник. Можеби најдобро ќе му било да продолжел само право.