На трибјут концерт одржан минатата година по повод 100 годишнината од смртта на Хил, Том Морело од „Рејџ агејнст д машин" изјави:
„Без него немаше да го има ни Вуди Гатри, ни Дилан, ни Спрингстин, ни Клеш, ни Паблик Енеми, ни Систем оф даун, ни Рејџ агејнст д машин".
Кој е всушност Џо Хил?
Имигрант од Шведска, тој пристигнал во Америка во 1902, кога имал 23 години. Не знаел ни збор англиски, но бргу научил работејќи по фабрики и пристаништа. Во 1910 ѝ се придружил на Индустриски работници на светот, радикална синдикална организација, за која почнал да пишува говори, политички и сатирични песни, често пародизирајќи популарни мелодии (госпел песни или химни на Војската на спасот). Нему му се припишува изразот „пита на небото" (pie in the sky) за лажни ветувања кои ги правеле политичарите и свештениците за спасение на сиромашните и гладните, содржан во песната „Свештеникот и робот".
Неговиот став бил дека брошурите, памфлетите и манифестите се во ред, но дека една песна може да направи многу повеќе за ширење на синдикалните идеи помеѓу работниците, „ако голите факти и здравиот разум ги прелиеш со малку хумор и ги направиш помалку суви, така за помалку образованите работници да можат да ги разберат".
Но она што направило ликот на Џо Хил веќе еден век да биде урбана легенда во американскиот фолклор не е само неговиот активизам, туку и начинот на кој умрел. Во 1914 некој полицаец и неговиот син биле убиени од двајца мажи во Солт Лејк Сити. Истата вечер и на истото место Хил побарал докторска помош заради прострелна рана. Рекол само дека ја заработил во тепачка за жена. Но полицијата не мислела така, и го уапсила како можен извршител на убиството.
Иако повеќето од сведоците рекле дека Хил воопшто не личи на убиецот, некој очигледно сакал да се отараси од него и ова му дошло како одличен повод. Дури како и самиот да посакувал ваков, маченички крај, за тоа да ги инспирира неговите другари на уште поагресивна акција. Во последната телеграма којашто ја испратил до негов колега-синдикалец тој напишал: „Не ме жалете. Организирајте се!“.
Случајот предизвикал бура во медиумите. Претседателот Вудроу Вилсон, Хелен Келер (слепата и глува писателка и негова 'колешка' од синдикатот), шведскиот амбасадор и Шведска како држава барале помилување. Во биографијата за Хил од 2011, „Човекот кој никогаш не умре", се вели дека тој бил невин, но мислел дека мртов ќе биде од поголема полза за синдикалното движење, па затоа и не се бранел и не се жалел на одлуката за смртна казна. Бил егзекутиран во ноември 1915, а претходно оставил аманет во форма на песна до неговите соборци, во која бара неговата пепел да биде расеана на ветрот.
И токму ова е дел од сè уште живата легенда за Џо Хил - неговата пепел била ставена во 600 мали коверти со слика и текст „Џо Хил, убиен од капиталистичката класа", и тие биле испратени на различни адреси на синдикалци низ Америка и низ светот. Еден коверт стоел во карантинот на поштата на САД до 1988, кога „сомнителната пратка" била конечно идентификувана и депонирана во националниот архив. Се вели дека такви писма сè уште кружат, како свети реликвии на работничкото движење.
Хил бил инспирација на голем број музичари - Дилан во неговите „Хроники" го нарекува „месијанска фигура". Песната која му е посветена, како „Сношти сонував дека го видов Џо Хил" ја имаат испеано Џоан Баез и Брус Спрингстин. Стивен Кинг го има крстено син му Џо Хилстром, токму во чест на Хил.
А ние дознавме за него на необичен начин, гуглајќи го Алесандро Портели, еден од најпознатите промотори на методот на „усната историја" - собирањето сведоштва на живи луѓе за историските настани низ коишто поминале. Една од неговите книги се однесува токму на споредба на работничките движења во САД и Италија, а бидејќи Портели е истовремено и музиколог таа историја не можела да помине без поврзување на овие идеи со музиката. Неговата нова книга (за жал засега само на италијански) се вика „Бедлендс: Спрингстин и Америка, труд и соништа", а во неа е спомнато и големото влијание кое врз Спрингстин го има извршено Џо Хил (за љубители, едночасовно предавање на Портели одржано во Приштина по повод книгата тука)
И на крај музика -
Верзијата на Џоан Баез на „Сношти сонував дека го видов Џо Хил"
Верзијата на Брус Спрингстин, во живо