Актерот најпознат по Jurasic Park, The Fly, Independence Day, а посвежо од Grand Budapest Hotel, има џез бенд, со кој настапува во Лос Анџелес речиси секоја недела. И тоа со години, од 1990-тите. Тој свирел пијано многу пред да почне да се занимава со актерство, а еден период во тинејџерските години и заработувал од свирење, настапувајќи по домашни забави и коктели.
Името на неговата полу-редовна група составена од професионални џезери е Милдред Сницер оркестар, а се вика така по пријателка на семејството Голдблум, која доживеала 100 години. Најчесто настапуваат во клубот Роквел, шоуто трае околу три часа, а репертоарот вклучува импровизирани верзии на стандарди како Summertime или Watermelon Man.
Mинатата недела тие прв пат настапија во њујоршкиот клуб Cafe Carlyle. Во интервју дадено по тој повод за Њујорк Тајмс тој открива дека целата идеја за бендот е всушност инспирана од Вуди Ален. Имено, трубачот во „Милдред Сницер" играл во „Моќната Афродита" и во некој момент му спомнал на Ален дека тој и Џеф имаат група со која понекогаш свират. Овој се воодушевил, и ги советувал да настапуваат еднаш неделно како што прави и тој со неговиот бенд секогаш кога има време за тоа, за ем да вежбаат, ем да се забавуваат. „На некој начин, вината е на Вуди", вели Голдблум.
Добри снимки од негови настапи се ретки, но еве една кратка од кај Џими Фалон. Не е лош.