Во 1913 човек по име Алберт Мар пронашол бабун на семејната фарма близу Преторија, Јужна Африка. Бидејќи овој вид Чакма бабуни главно живеат во групи од 50-100, тој најверојатно останал сам откако селаните ги убиле останатите затоа што им ги уништувале посевите. Го нарекол „Џеки“ и двајцата станале неразделни. Но Мар во еден момент бил повикан во војска, да се придружи на Tретиот јужноафрикански пешадиски полк на почетокот на Првата светска војна. Некои од неговите колеги-војници со себе носеле фотографии од саканата, амајлии за среќа, но Мар во војна си го понел - Џеки.
Мајмунчето го започнало своето служење со тоа што научило да им пали цигари на војниците. Од „гуштер“ преминал во повисок ранг, пренесувајќи намирници и пораки за војската ноќе, што за него било лесно поради нагласените сетила. Така станал вреден член на тимот. Им се придружувал на војниците дури и во мензата, како научил да користи нож и вилушка, како и да пие чај со елегантни движења од шоља. Му била дадена униформа, метална ознака со името и идентификациски број, картичка за оброци, па дури и книшка на која му легнувала плата.
Но наскоро неговата војничка кариера ќе напредне. Кога полкот учествувал во прва вистинска воена акција во Египет, во битката за Агагија, која се водела во 1916 помеѓу Сенусите (муслиманска политичко-религиска група) и Отоманските сили од една, и Британците и Јужно-африканците од друга страна, Мар бил ранет а Џеки останал крај него и буквално му ги лижел раните додека не пристигнала медицинската екипа.
Следниот пат полкот војувал во Франција, на Западниот фронт, каде се одвивале најсуровите битки во тој период. Во рововите и на воените полиња останувале 80% од војниците. Ова не било баш место каде некој би очекувал да види мајмун во униформа. Па сепак Џеки и тука имал активна улога во неколку битки од 1917 и 1918. Во текот на една посебно интензивна битка во текот на Пролетната офанзива, бабунот бил сериозно ранет од шрапнел, додека буквално градел ѕид околу себе со она што му се нашло при рака за да го избегне непријателскиот оган.
Џеки во битка загубил и нога, но и покрај тоа бргу се вратил на своите дневни обврски. За своето служење на татковината добил чин десетар и орден. Исто така, откако тој и Мар заминале дома, добиле воени пензии. Џеки потоа минал некое време во Англија присуствувајќи на различни настани организирани од Црвениот крст, или кога било потребно да се соберат пари за фондовите за вдовици и сирачиња - тогаш се сликал со присутните за одреден надомест. Бил вратен во Јужна Африка, каде водел тивок живот. Таму и умрел во 1921, или како последица на срцев удар (некои велат пост-трауматски стрес), а можеби во пожар. Мар доживеал 84 години, и починал во 1973.