Букбокс гледаше

„Два дена во Њујорк" (2012)

Фино, feel good филмче, ко за недела попладне, од умната и убава Џули Делпи, со Крис Рок и нејзиниот уште посмешен татко.

Џули Делпи има играно во повеќе од 30 филмови, вклучувајќи ги и оние на Годар, Кишловски, Џармуш, Таверње или Агњешка Холанд. Таа е и талентирана сценаристка и режисерка, номинирана за Оскар за најдобро адаптирано сценарио за „Пред зајдисонце". Но освен за драма со многу зборење, таа очигледно има дарба и за комедија. Како оваа, која е продолжение на нејзиниот прв обид во овој жанр - Два дена во Париз од 2007.

Марион е Французинка во Њујорк, со син од првиот брак и фотографска кариера која само што не ѝ тргнала. Живее со радио водител, Мингус (во филмот неколку пати римувано со кунелингус), кого го глуми Крис Рок, а на посета заради новата изложба на која меѓу другото Марион планира (буквално, со нотарски заверен договор) да му ја продаде душата на Ѓаволот, се појавуваат нејзиниот татко, откачената сестра и нејзиниот уште пооткачен дечко, сите со стереотипно француски темперамент (или беше италијански, или балкански?), на гласно зборување, уште погласно водење љубов, расправање во јавност, кубење за коса и дување во лифт.

Иако мислев дека Крис Рок ќе биде најкомичната фаца во филмот, тој е изненадувачки сериозен (освен во замислените дијалози со ликот на Обама исечен на картон), а убедливо најшармантен е таткото на Марион, кој ѝ е всушност реален татко, инаку актер и познат авангарден театарски режисер. Неговата посета на тајландски салон за масажа е пресмешен, исто како и коментарите во врска со неговите се уште незгаснати сексуални апетити.

За разлика од него Марион се измачува со помисли на нејзината мртва мајка, и со притисокот на комшиите, кои гневни на буката која се шири од станот во еден момент решаваат да покренат иницијатива за нејзино исфрлање од станот. Таа тогаш излегува со приказна дека боледува од тумор на мозок, што не само што ѝ го спасува станарскиот статус, туку прави и сите фотографии од изложбата да се продадат ко алва („кој знае колку ќе вредат наскоро, откако ќе умре"). Единствен проблем останува продадената душа, која ја купил анономен купувач за (само) 5,000 долари. Иако вели дека не верува во нејзиното постоење, Марион сепак е вознемирена и се среќава со купувачот, Винсент Гало, кој по малку и личи на демонче. Тој одбива да ѝ ги врати парите и договорот, и во моментот кога таа физички го напаѓа за да му го земе - го јаде (штета што последново не го гледаме туку за него само слушаме). Сепак Марион успева да се извлече од кризата, и во текот на тие два дена во Париз да дознае и дека е бремена. И сите среќно и весело си живееле.

Филмот можеби и не е кој-знае-што, но е feel good за некое неделно попладне. После него може да се заслушате и во музиката на Делпи, која ете, и за тоа е талентирана. Уште еден доказ дека убавината и умот не џабе почнуваат на у - затоа што се од една мајка деца.

 

2 септември 2013 - 11:21