Дранкештајн и Мобидринк: коктели со вкус на книжевност

Пандемијата актуелизираше активности кои ни помогнаа да ја преживееме годината што изминува - пиење сами или во кругот на најблиските. Книгава нуди бонус, пиење коктели кои асоцираат на книги.

На нашиот Фестивал на јадење книги (чие јубилејно, десетто издание за жал оваа година се одржа онлајн) често сме имале и пијалоци кои асоцираат на книги, како ракија Шекспировача или коктел „Сон на летната ноќ“ (со аперол и летно овошје). Авторот Тим Федерле отишол чекор понатаму па посветил цела книга на оваа тема, на коктели со книжевен „твист“ чии имиња и/или содржина се асоцирани со познати автори и нивни дела. Таа се вика „Текила Мокингбрд“ и излезе во 2013, во форма на пакетче кое содржеше и шејкер, стапчиња и мали шишенца алкохол за правење на коктелите.

Нивните имиња се симпатични игри со зборови во англискиот, често непреводливи, како Paradise Sauced (асоцијација на „Загубениот рај“), Moby Drink („Моби Дик“), Berry Potter („Хари Потер“) или А Farewell to Amaretto („Збогум на оружјето“).

Освен алкохолни има и такви за оние кои сакаат, или мораат да останат трезни, меѓу кои The Wonderful Blizzard of Oz, кој се состои од сок од ананас, кокосов крем и банана (и повеќе делува како смуди или „матканица“ отколку како коктел). Сепак, пред пиење не се наздравува со него, туку се удира три пати со чевличките.

Најдовме и два коктела кои содржат чај и се вклопуваат во нашите Букбокс чајанки (за рецепти види #букбоксчајанка на ФБ). Eве го оној алкохолниот:

СЕЌАВАЊЕ НА ЗАГУБЕНОТО КАФАНСКО ВРЕМЕ (Пруст)

Половина пивска чаша црн чај Ерл Греј (оладен, незасладен или со сосема малку мед)
1 лименка светло или темно пиво
1 лимонче

Коктелот добро оди со колачиња мадлени, ретро музика и прелистување стари списанија.

Што се однесува до новогодишниот шампањ, и за тоа има рецепт -

ДАИКИРИТО НА БРИЏИТ ЏОНС (според книгата на Хелен Филдинг)

1/2 шоља јагоди (може и замрзнати)
половина висока чаша шампањ
четврт чаша лимонов сок
половина лажичка кафеав шеќер

Што се однесува до коктели инспирирани од македонски автори, прво што ни текнува е „Големата вода“ од Чинго, нешто проѕирно, со мастика која се заматува кога во неа ќе ставиш мраз. А може и „Пиреј“, горчлив ликер од треви од македонските ливади.

На здравје нека ни е!

31 декември 2020 - 10:34