Програмата „Форум" на Берлинскиот филмски фестивал се состои од експериментални и документарни филмови на млади автори, кои се вон конкуренција за награда. Оваа година во нејзини рамки беше прикажан „Оние кои скокаат" (Les Sauteurs), за бегалците од субсахарскиот регион кои се обидуваат да влезат во ЕУ. Еден од нив е Абу Бакар Сидибе од Мали, кој во филмот е истовремено и главен лик и еден од режисерите на документарецот. По 14 месеци во минати во неофицијален камп во северна Африка во подножјето на планината Гуругу, од каде со око се гледа шпанската енклава Мелија и Средоземното море, и по неброени неуспешни обиди да ја прескокне оградата (всушност трите огради) со кои е заштитен преминот, тој почнува да ја снима неговата секојдневна рутина, средината во која се наоѓа и измачувачкото чекање на услови за следниот „скок".
Истовремено, неговите снимки даваат увид во социјалната организација на бегалската заедница, стравовите и надежите на овие луѓе кои во Европа мислат дека ќе ја најдат ветената земја.
Другите двајца режисери, Мориц Зиберт и Естефан Вагнер, го ангажирале Сидибе со тоа што му дале опрема и нешто пари (за да не дојде во искушение да ја продаде камерата), давајќи му само основни технички упатства. Тој пак се покажува како екстремно способен камерман, успевајќи да долови детали од животот на границата кои се истовремено и сурови и хумористични.
Како воен филм сниман зад линијата на огнот, сведоци сме како Сидибе и неговите пријатели планираат стратегија, која се состои од здружен јуриш кон бариерите, за барем некој од нив да може да премине додека полицијата не реагира. Во текот на ваквите сцени во филмот се измонтирани и слики од официјалните полициски камери. „Постојам затоа што снимам", вели Сидибе во еден момент, покажувајќи на тој начин колку му значи оваа негова улога на документирање на она низ што минува и тој и илјадници мигранти како него во потрагата по подобар живот.
Tрејлер за филмот: