New York Review of Books е списание кое излегува два пати месечно (главно со претплата, околу 6 евра број), во кое се објавуваат аналитички текстови од областа на литературата и културата. Наречено „главен теориски орган на Радикалниот шик", тоа е основано во 1963 од Роберт Б. Силверс и Барбара Епштајн, а поттикот дошол од текст објавен во Harper's Magazinе во 1959, под наслов „Падот на книжевната критика", во кој писателката Елизабет Хардвик ги критикува тогашните критичари, нарекувајќи ги нивните осврти „лоботомизирани пофалби, кои љубезно го укинуваат секој интерес за книги или за книжевни прашања воопшто".
Одговорот на New York Review of Books бил навистина радикален, отсликан во одлуката да објавуваат текстови кои се „необични, тешки, долги, бескомпромисни, а над сè - интересни". Но уште еден настан довел до неговото формирање - во 1963 за време на голем штрајк во печатарската индустрија основачите го искористиле тоа што издавачите (на книги) немале каде да се рекламираат, и им го понудиле новото списание. За нив пак ова било нешто кое не можело да се одбие, меѓу другото и заради тоа што се почнало ударно. За првиот број, на пример, пишувале Норман Мејлер и Сузан Зонтаг.
Новиот документарец на Скорсезе „50-годишната расправија" (The 50 Year Argument) е оценет како добар преглед на историјата на списанието. Сепак, му се замерува на изнасиленоста на пристапот, кој повеќе личи на мешавина на филм за рок бенд и документарец за Граѓанската војна, со фонтови како од 1864. Недостасуваат и некои важни ликови кои придонеле кон списанието, пред сè самата Барбара Епштајн, која починала од рак во 2006, но во филмот е спомената патемно. Претставените политички дебати веќе никому не му се релевантни и филмот тешко дека би им бил интересен на помладите од фелата. Според новинарот на Вог, ентузијазмот на Скросезе се фокусира на искуствата на една генерација која веќе не го дефинира книжевниот пејсаж во време на нови технологии, а која ги поминала сите 50 нијанси сива (коса). Оттаму, филмот има поголема вредност за оние кои некогаш го правеле и читале списанието, отколку за оние кои доаѓаат, а кои црпејќи од неговиот софистициран пристап кон културата би можеле да направат (и прават) нешто поинакво, и посвежо.