Утре, 2 септември, започнува 83-тиот Венецијански филмски фестивал, кој ќе трае до 12 септември, кога ќе бидат прогласени добитниците на наградите. Како и секоја година, Венеција ќе биде едно од главните места каде што светската филмска индустрија ќе ги претстави најочекуваните филмови од новата сезона, а фестивалот повторно ќе има важна улога и во трката за Оскарите.
И годинава списокот на гости е импресивен. Џорџ Клуни повторно е меѓу главните ѕвезди на фестивалот, но овојпат има и посебна причина да биде таму: ќе ја прими наградата за животно дело. Меѓу присутните се очекуваат и браќата Ноел и Лиам Галагер од Оејзис, Роберт Патинсон, Пенелопе Круз, Хавиер Бардем, Памела Андерсон, Сем Роквел, Џон Малкович, Луис Гарел, Руни и Кејт Мара и Елен Барстин, која исто така ќе добие награда за животно дело.
Но, се разбира, вистинските ѕвезди се филмовите. Еден од најочекуваните во конкуренција за „Златниот лав“ е „Вајлд хорс најн“ на Мартин Мекдона, мрачна комедија со Сем Роквел и Џон Малкович, кои играат агенти на ЦИА пред државниот удар во Чиле во 1973 година. Мекдона веќе има силна врска со Венеција: и „Наречниците од Инишерин“ и „Трите билборди близу Ебинг, Мисури“ премиерно беа прикажани таму, а потоа номинирани за Оскар за најдобар филм.
Големо внимание привлекува и Роберт Патинсон, кој го игра телевизискиот водител Крис Хансен во „Прајмтајм“. Филмот се занимава со познатата американска телевизиска практика на „ловење“ сексуални предатори и е инспириран од текст објавен во Есквајер во 2007 година.
Пенелопе Круз и Хавиер Бардем овојпат играат заедно во психолошката драма „Бункер“ на Флоријан Зелер. Руни и Кејт Мара ги играат сестрите близначки во „Бакинг Фастард“ на Вернер Херцог, додека јужнокорејскиот режисер Ли Чанг-донг се враќа со својот прв филм по осум години – „Можна љубов“.
И документарната програма е особено интересна. Алекс Гибни го носи „Маск“, речиси четиричасовен документарец посветен на Илон Маск и неговиот свет. Филмот несомнено ќе биде еден од оние за кои ќе се зборува и надвор од фестивалот. Џулија Локтев продолжува со својот долгорочен проект за независните руски новинари со „Mоите непожелни пријатели, втор дел“. А љубителите на музиката ќе добијат и документарец за Оејзис, кој ги следи Ноел и Лиам Галагер за време на нивната турнеја по повторното обединување на бендот во 2025 година.
Како што често се случува со големите културни фестивали, ниту ова издание не е без политички контроверзии.
Најголемата се однесува на филмот „Дау“ на Иља Хржановски, инспириран од животот на советски физичари кои работеле на атомската бомба. Украинското Министерство за надворешни работи, Министерството за култура и украинската амбасада во Италија го довеле во прашање неговото учество во натпреварувачката програма, оценувајќи го како проект поврзан со руската држава и нејзините мрежи на влијание. Директорот на фестивалот, Алберто Барбера, ја брани одлуката. Според него, тоа не е руски филм ниту пропутинска пропаганда, туку филм што ги осудува тоталитарните режими и нивното мешање во животите на граѓаните. Самиот Хржановски, кој се откажал од руското државјанство и денес има германско, британско и израелско државјанство, исто така ја отфрла критиката и вели дека е против руската инвазија врз Украина.
Политичките тензии се прошируваат и на прашањето за Палестина. Групата Venice4Palestine, која минатата година организираше голем протест, бара фестивалот да ги прекине договорите со институции поврзани со израелската влада и бара палестинското знаме да биде истакнато за време на фестивалот. Во официјалната селекција годинава има и два палестински филма.
Еден друг проблем е многу помалку спектакуларен, но прилично значаен: родовата нерамноправност во главната конкуренција. Од 21 филм што се натпреваруваат за „Златниот лав“, само еден е режиран од жена – „Непозната жена“ на Мај ел-Тукри. Тоа особено боде очи затоа што фестивалот уште во 2018 година, кога исто така имал само една жена режисер во конкуренцијата, се обврзал дека до 2020 година најмалку половина од филмовите во главната конкуренција ќе бидат режирани од жени. Тоа ветување очигледно сè уште не е исполнето.
Последниот збор на 12 септември ќе го има жирито, со кое годинава претседава Меги Џиленхал. Во него се и туниската режисерка Каутер Бен Хања, англискиот композитор Даниел Блумберг, францускиот режисер Ксавие Џаноли, авганистанската режисерка Шахрбано Садат и хонгконшкиот режисер Џони То.