Во 1829 година, во хотелот „Норфолк Армс“ во Англија, стотици предачи и ткајачи се собрале на прослава организирана од сопственикот на фабриката во којашто работеле. За беља, подот ненадејно попуштил под тежината на толпата и луѓето пропаднале два ката, сè до подрумот. Триесет од нив умреле на лице место.
По несреќата бил спроведен судски увид. Поротата проценила дека искршените дрвени греди од подот вредат пет шилинзи. Според тогашното право, таа сума требало да биде распределена меѓу семејствата на жртвите. Денес износот изгледа речиси симболичен, но станувало збор за остаток од еден правен концепт стар повеќе од осум века – деоданд.
Идејата зад деодандот била необична: кога некој предмет директно ќе предизвикал човечка смрт, самиот предмет можел да биде прогласен за „виновен“ и да му биде одредена парична вредност. Таа вредност формално му припаѓала на кралот, односно на Бог, а во теорија требало да се употреби за добротворни цели. Во практиката, парите често ги собирал локалниот „мртвозорник“ и, иако не секогаш, ги добивало семејството на починатиот.
Терминот потекнува од латинското deo dandum, „она што треба да му се даде на Бог“. Во средновековната правна логика, предметот што предизвикал смрт се сметал за своевиден „проколнат“ или сакрален предмет, кој поради смртта што ја предизвикал требало да биде одземен.
Правилото, сепак, било далеку од едноставно. Деоданд можел да биде подвижен предмет, односно лична сопственост. Ако, на пример, буре со ѓумбир паднело низ отвор и усмртило работник под него, бурето можело да биде прогласено за деоданд. Но, ако црковно ѕвоно паднело врз човек и го убило, тоа не се сметало за деоданд, бидејќи ѕвоното било дел од недвижниот имот.
Не било пресудно ниту кој се движел во моментот на несреќата. Ако некој паднел од скала и загинел, скалата можела да биде прогласена за деоданд, иако човекот бил оној што се движел. Дури и ако самиот човек се однесувал неодговорно – на пример, ако пијан танцувал на врвот од скалата – предметот сепак можел да биде прогласен за деоданд. Системот не бил нужно поврзан со лична вина.
Постоеле и сложени прашања околу тоа кој дел од предметот треба да се прогласи за деоданд. Ако човек бил прегазен од кочија, можело да биде проценето само тркалото што го усмртило. Во друг случај, човек паднал врз осовината на кола со таква сила што таа му нанела смртоносна повреда, па како деоданд биле одземени целата кола, товарот и коњите што ја влечеле.
Овие разлики во голема мера зависеле од одлуката на поротата. Таа можела да земе предвид локалното јавно мислење, гласините, сочувството кон семејството, но и чувството дека некој треба да биде казнет. Токму затоа деодандот, иако бил чуден и несовршен инструмент, овозможувал одредена форма на правда во случаи во кои било тешко да се утврди директен виновник. Можел да го погоди несовесниот, да не го казни оној што едноставно немал среќа и барем симболично да им помогне на преживеаните.
Со индустриската револуција, сепак, овој стар систем почнал да се соочува со нов проблем: железницата. Ако човек бил прегазен од воз, било очигледно дека смртта ја предизвикал подвижен предмет – токму она што го барала логиката на деодандот. Но едно било да му се одреди вредност од неколку шилинзи на скршено буре или тркало, а сосема друго да се процени како деоданд цела локомотива.
Во текот на индустриската револуција, поротите почнале да одредуваат значително повисоки вредности за деодандите. Можно е зад тоа да стоело уверувањето дека индустријалците биле особено несовесни или, едноставно, дека биле доволно богати за високата проценка да не им претставува сериозен товар. Во некои случаи поротите дури сугерирале дека прашањето за деодандот би можело да се занемари доколку сопственикот или компанијата обезбеди помош за семејството на загинатиот.
Токму железницата на крајот помогнала да исчезне овој средновековен правен институт. Во 1846 година деодандите биле отстранети од англиското право. Тоа вообичаено се претставувало како чекор кон помодерен и поразумен правен систем. Но последиците не биле нужно поволни за семејствата на жртвите. Укинувањето на деодандот ги лишило роднините на жртвите на железнички несреќи, кои немале други правни механизми за побарување од железничките компании, дури и од онаа минимална компензација што можела да произлезе од стариот систем. Меѓу погодените биле семејствата на неосигурени патници, луѓето кои нелегално се нашле на железничката пруга, како и работници загинати при извршување на својата работа.
Така, еден необичен средновековен закон исчезнал токму во периодот кога индустријализацијата создавала нови, многу поголеми ризици. Деодандот бил неуреден, архаичен и полн со недоследности, но сепак нудел начин да се размислува за одговорноста кога човечка смрт е предизвикана од нешто што не е човек.
Во последниве години, некои правни научници предложиле концептот да се разгледува во контекст на правата на природата, односно можноста нечовечки ентитети да добијат одреден правен статус. Но уште поинтересно е прашањето за одговорноста на предмети и технологии што можат да влијаат врз човечкото однесување.
Што би направила една средновековна порота, на пример, кога би требало да одлучи за случај во кој вештачка интелигенција поттикнала човек кон самоубиство или убиство?