Замокот го купил рускиот бизнисмен Дмитриј Строскин, кој на градежната компанија со најмени работници од Полска ѝ дал наредба „да го расчисти ѓубрето" за да се отвори простор за базен и поголема градина. Неговата најголема грешка била што после ова заминал. Следна сцена: барокниот замок е срушен, заедно со огромната сала за 200 души и прекрасните скалила од камен. На шокираните Французи им ветил дека ќе изгради ист таков објект на местото на стариот Chateau de Bellevue. Ама овој ќе биде од 21. век.
Како стигнавме до ова? Дежуловиќ во најновата колумна им фаќа сеир на сите засегнати во епизодава која повеќе личи на виц наоѓајќи ја, со право, причината во јазикот.
Ѓавол е јазикот.
„Оној миг кога нашите мисли ќе ги подредиме во зборови и реченици, сè се извртува и изобличува. Јазикот едноставно не е доволно добар", рече при една прилика Маршел Дишан, човекот кој поради тој очигледен недостаток на јазикот ја измислил уметноста на дваесетиот век. Луѓето, меѓутоа, наместо да ги вообличуваат мислите во скулптури и перформанси, и понатаму се разбираат со зборови, па ај што јазикот им е со маани, туку во овој момент во светот ги има рамно шест и и пол илјади! Невидена врева владее на нашата округла балота, секој со секого зборува, никој никого не разбира, и кога човек од страна ќе застане и ќе се заслуша, вистинско чудо е како до сега осум пати не сме се испоубиле меѓу себе.
Рускиот летњиковец
Еве, да речеме, Европската Унија. Дваесет и три службени јазици во таа вавилонска кула, па уште ако ги пресметаме каталонскиот, баскискиот, велшкиот, бретонскиот, алзашкиот и сите оние неслужбени јазици со кои во Европа се добарденува и се намајкатитинува, единственото научно прифатливо објаснување за чудото што таквиот какафонски сојуз уште воопшто постои е тоа што тие едноставно - не се разбираат.
Европската унија, впрочем, токму така - значи со недоразбирање - и настанала. Се состанале во 1957. Италијанци, Германци и Французи за да ги спојат индустриите на јаглен и челик, никој никого не разбирал, сите љубезно се смешкале и климале со главите, па додека сфатиле што всушност договориле и потпишале веќе исчезнале и лирите, и марките, и франците, и државните граници. И, јасно, и јагленот и челикот.
Убав пример за она за што ви го зборувам е неодамнешната новинска вест од Иврак, мало место недалеку од Бордо.
Иврак е типична жирондинска населба опружена со бескрајни лозја на славни сорти грозје од Бордо - две илјади души, камени куќички со сини капаци на прозорците, дуќан, пекара, кафана, општински театар, и секако, обврзниот барокен дворец на ридот над местото. Chateau Bellevue - така се вика раскошниот замок - три стотини години бил цврста котва за очите на патниците намерници и главен мотив на разгледниците кои тие ги праќале од тоа заспано аквитанско гратче.
Ја преживеал Chateau Bellevue и француската револуција и осумсточетириесетиосмата, и жирондинците и јакобинците, и бурбонците и Наполеон, сите пет Републики и двете светски војни, сè додека пред две години не ја купил рускиот тајкун Дмитриј Строскин, со намера да му го врати некогашниот сјај и да го претвори во летњиковец.
Се договорил рускиот милијардер со локалните власти и со строгите конзерватори, набавил илјадници потребни дозволи, го нарачал проектот и најмил градежници од Полска, па им објаснил каква е неговата замисла. А замислил да го сруши малиот, неугледен објект крај замокот, некаква стара куќичка за алат, за да го прошири базенот и да го отвори просторот пред дворецот.
- Старата куќичка за алат? - повторил искусниот полски инженер, мустаќлија кој во педесетата останал без работа па побарал леб во Франција.
- Аха. До понеделник.
- До понеделник? Самоуверено џваќајки од сендвичот со тиролска салама ја мерка Полјакот старата куќичка. - Нема проблем.
Само Богородица од Бордо знае какви се во Полска куќичките за алат, голема е впрочем и величествената полска култура - или е тоа, или полските работници ја прецениле Франција, трето нема - па три дена подоцна, предминатиот понеделник, жителите на Иврак се разбудиле со ужас откривајќи дека горе, над гратчето, им го нема нивниот славен замок!
Замок, аш!
Ги протриле очите, погледнало малку подобро, кога стварно: стариот замок исчезнал како никогаш да го немало. - Па, како ви изгледа? - задоволно за тоа време Полјакот го отвара неговото заслужено пиво, додека претставници на локалната власт и господинот градоначалник со невера гледаат во ледината на која триста години, сè до вчера, стоел древниот барокен замок.
- Ка...ка...? - се обидува градоначалникот на Иврак да ја сложи неговата мисла во реченица.
- Ка..каде е замокот????- ја довршува градоначалниковата црна мисла госпоѓата надлежна за култура.
- А, мислите замокот? - пивнува Полјакот од пивото, па со раката два пати силно го удира ѕидот на куќичката за алат. - Еве го: нечепнат! (види фото)
Утредента сите светски весници јавија дека во малото аквитанско гратче Иврак заради страшна грешка до темел е срушен три стотини години стариот барокен дворец Chateau Bellevue. Работници од Полска, се вели во веста, лошо ја разбрале намерата на новиот сопственик, рускиот тајкун кој сакал да ја сруши старата, трошна куќичка за алат, па наместо неа со земја ја срамниле локалната знаменитост.
На полицијата и на конзерваторите нема да им биде многу тешко да го реконструираат трагичното недоразбирање. Руски сопственик, полски работници и локалци од Бордо, од кои никој не зборува како што треба француски, туку некои окситански и баскијски дијалекти - никој, на кратко, никого не разбрал, сите љубезно се смешкале и кимале со главите - па среќна околност е што во тој јазички хаос настрадал само стариот Bellevue. Нека е злото таму, би рекле иврачките баби, ги има наоколу уште илјада. Историското искуство на Полјаците, впрочем, не остава многу простора за чудење на руските амбиции, па дури и товариш Строскин да посакал да срамни еден цел арондисман, а камо ли една малку поголема куќичка за алат.
Поучна е линвгистичката приказна од малиот Иврак и за нас тука, во идиличниот агол на хрватската аквитанија, каде и самите меѓу себе слабо се разбираме, и аде за трагични недоразбирања не ни требаат ни руски тајкуни ни ЕУ.
Петстотини години старите ренесансни летњиковци околу Дубровник, на пример, руските тајкуни ги изнакупуваа како на сезонска распродажба, секој од нив - фала богу - е на неговото место, а ние трепериме за оние кои Русите уште не ги имаат купено, оставени на милост и немилост на богатството на хрватскиот јазик. Дубровничките власти така заради проширувањето на патот на Илијина Главица го бетонирале целиот ѕид на летњиковецот Бјелокосиќ, а за потребата на локалната рибарница општинските булдожери ја срамниле со земја историската градина на летњиковецот на Гундулиќ во Груж.
Бмрчи така низ Далмација тешка градежна механизација, а булдожерите ги гасат моторите од време на време само за да се чуе убавото домашно „Нема проблем". Еве само уште последниот пример, од Сплит, каде работниците овие денови вредно копаат околу влезот на криптата на катедралата на св. Дуе, ги вадат оригиналните антички плочи и ги менуваат со нови, од брачки камен.
- До понеделник? - самоуверено џвакајќи го сендвичот со тиролска салама ја мерка овие денови шефот на градилиште илјада седумстотини години старата сплитска катедрала. - Нема проблем.
Ѓавол е, ви велам, јазикот.
Автор: Борис Дежуловиќ