Wired by Designed е дводневен настан посветен на сите форми на креативно решавање проблеми на кој можете да присуствувате само со покана, или да платите 4,500 долари. Последниот се одржа на крајот на септември во Сан Франциско, со гости како извршната директорка на Јаху или продуцентот на Lost.
Еден од говорниците, Мајкл Хендрикс, во својата 8-минутна презентација ги поврзува навидум неспоивите области на дизајнот и когнитивната лингвистика. Како? Со тоа што покажува еден клучен слајд, и бара да одберете - дали го сакате свежото и црвено јаболко или она скапаното и пожолтеното?
Изборот е сосема јасен на ниво на интуиција, но културата понекогаш ги замаглува работите, на сила разделувајќи го умот од нашите телесни искуства, кои скапаното без никаква рационализација веднаш го сместуваат во фолдерот „мртво". Хендрикс го цитира Џорџ Лакоф и неговата славна книга „Метафори според кои живееме" (Metaphors We Live By), како и истражувања од областа на психологијата, кои на пример велат дека во студени денови луѓето имаат тенденција да изнајмуваат повеќе романтични комедии затоа што ја изедначуваат „топлината" која ја гледаат на екранот со телесната топлина, или дека ако држите подебела книга додека објаснувате нешто луѓето реагираат како вашиот збор навистина да „тежи". Сето ова може да му помогне на дизајнерот да создаде производ кој не само што подобро ќе се продава, туку и ќе го направи светот подобро место за живеење.
Погледнете го видеото: