Функционалноста на кодот наспроти традицијата

Дигиталното згаснување на едно писмо

Пред неколку години шведска Икеа го смени фонтот од Футура во Вердана, а оние лојалните на првиот кренаа вистински бунт. На повеќето од нас секако не ни беше гајле. Но што ако се работи за писмо на еден цел народ?

Али Етераз, писател и композитор, обелоденувајќи го проблемот со користењето на урду писмото на дигиталните медиуми кој за повеќето од нас е сосема е непознат, ја користи метафората за Икеа за да го илустрира: замислете, вели тој, футура-шите да го користеле овој фонт стотици години, на него да пишувале поети од калибарот на Шекспир, училиштата со него да описменувале бројни генерации, за еден ден да им биде речено дека веќе нема да го користат, а ако тоа не им се допаѓа дека можат да пишуваат на - кинески. Дали би било оправдано тие да се лутат?

Кога се работи за дигиталниот свет, точно така стојат работите со урду, јужно-азијски јазик кого го говорот нешто помеѓу 100 и 125 милиони луѓе во Пакистан и Индија, и кој е еден од двата официјални јазици во Пакистан. Урду традиционално се пишува на персиско-арапско писмо наречено насталик (nastaliq), разиграно и орнаментирано писмо. Но кога тоа ќе се пренесе на веб и на паметни телефони, и на сите други електронски уреди на кои може да се пишува, што и да напишете на урду излегува напишано на наск (naskh), аглесто и по „стегнато" писмо кое произлегува од арапскиот. Оние на кои ова не им се допаѓа можат да пишуваат со западни букви (читај: латиница).

Еве една визуелна споредба:

 

Наск едноставно е полесно да се кодира, бидејќи не се движи вертиаклно и нема точки кои се нанесуваат согласно строга шема. А сите знаеме колку програмерите сакаат функционалност. Токму заради практични причини наск бргу го истиснува насталик од интернет. Би-би-си урду и Урду гласови на Америка користат наск, исто како и Аларабија Урду. А ако сакате да напишете СМС на насталик, исто така мора да користите наск. Истото важи и за социјалните медиуми: Фејсбук, Твитер, блогови, сите се на наск. Дури и Одделението за електроника и информациска технологија на владата на Индија издаде апликација за урду тастатура за Виндоус и Андроид, на која има 12 наск фонтови, но само еден насталик. Њу Делхи, седиштето на индијската влада, од друга страна, е срцето на урду. Таму е роден Мирза Галиб кого го нарекуваат „урду Шекспир". Па сепак и таму леснотијата на кодирањето е пред почитувањето на една долга традиција.

Оние кои сепак се обидуваат да го спасат писмото од дигитален заборав се досетиле, па наместо текст постираат слики. Истото го прават голем број урду поети кои објавуваат на социјалните мрежи, кои наместо своите „газали" (поетска форма, главно за пишување љубовна поезија) да ги пишуваат во статус, ги постираат како слика - на овој начин се пишуваат и цели електронски книги, при што секоја страница е посебна слика.

Сепак, ова воопшто не е практично, па оние со помалку ентузијазам едноставно пишуваат на романизиран урду, иако формално правила за транскрипција од урду на латиница не постојат, па процесот е буквално „во конструкција".

Секако, причините зошто некој кој е урду не сака да пишува ниту на арапско писмо ниту на латиница често се и политички. Еден од најлесните начини да скараш двајца Пакистанци е ако еден од нив се поздрави со „Алах Хафиз" наместо со вообичаениот урду поздрав на заминување „Куда Хавиз" - голем дел од Пакистанците едноставно пружаат отпор на културната арапизација на јужна Азија.

Но естетскиот момент не смее да се потцени. Насталик е калиграфска уметност - до пред неколку децении децата оделе во школо носејќи дрвена плоча наречена тахти (takhti). На неа, користејќи молив од бамбус полн со мастило тие вежбале пишување на секоја буква од урду азбуката со големо внимание. Кога ќе завршел часот ја миеле плочата и ја измазнувале површината со глина.

Етераз, кој се уште се сеќава на мирисот на измиената дрвена плоча од неговото детство, направил сè за да ги исконтактира големите компании и да им укаже на проблемот. Ниту Епл ниту Мајкрософт не го зеле за сериозно. Но тој сепак открил блог на извесен Мајкл Каплан, кој самиот работи во Мајкрософт, и кој очигледно го сфатил фактот дека говорителите на урду не сакаат да читат или пишуваат на наск, па развил уникод фонт кој подржува насталик. Мал чекор за Мајкрософт, но голем за урду, вели авторот, завршувајќи со молба кон ова да се придружат и другите компании, кои на тој начин ќе помогнат во одржувањето на ова пред сè убаво, но и историски важно писмо.

15 октомври 2013 - 10:24