Во текст под наслов „Како диета стана толку валкан збор“, сајтот Quartzy преку бројки ја прикажува опседнатоста на Американците со губењето тежина. Годишниот приход на компании како Нутрисистем и ВејтВачерс во 2016 изнесувал повеќе од 6 милијарди долари; очекуваната вредност на глобалниот пазар за губење тежина до 2022 е 245 милијарди долари; а 6% е очекуваното годишно покачување на продажбата на тн. „функционална храна“ (таква која содржи додадени пробиотици, протеини, есенцијални масла и витамини) во следните пет години итн. Но 77% од Американците кои активно се обидуваат да се хранат поздраво, само 19% велат дека се „на диета“.
Отпорот кон терминот „диета“ можеби има врска со неговата историска употреба. А таа е долга и превртлива. Во 19 век на пример, вегетаријанската диета наречена „Греам“ (Graham) која се состоела од интегрални лебови и храна богата со растителни влакна, промовирана од американскиот свештеник Силвестер Греам, требало да спречи не само дебелеење, туку и мастурбација и нечисти мисли. Истата послужила како инспирација на Греам крекерот, продукт популаризиран од тн. Движење на трезвените, кое во текот на истиот ој 19 век промовирало воздржување од алкохол но и од други искушенија.
Во 1890 „Големиот џвакач“ Хорас Флечер излегол со став дека храната треба да биде џвакана барем сто пати во минута за да се создаде чувство на ситост. Џон Харви Келог, доктор и пронаѓач на корнфлејкс измислил и „Џвакачка песна“, како охрабрување на пациентите во неговата бања за губење тежина подолго да ја мотаат храната низ уста пред да ја проголтаат.
(песната вклучена во сцена од филмот Патот до Велвил, кој се одвива во бањата на Келог, Бетл Крик Санитариум)
Во 1925 Лаки страјк промовира диета со цигари, под слоганот „Посегни по Лаки наместо по слатко“.
Во 1950 љубовникот на Грета Гарбо, Гејлорд Хаузер, станал првиот диетален гуру на ѕвездите. Неговата програма вклучувала житарици, зеленчуци, јогурт и квасец, а е детално образложена во неговата хит-книга „Изгледај помладо, живеј подолго“.
Примери за тоа што се подразбирало под „диета“ има уште многу, некои од методологиите се применуваат и денес, но начинот на нивна популаризација, речникот и коректноста која се подразбира, се имаат променето. Да кажеш дека некој начин на исхрана е наменет за губење тежина во нечии уши може да зазвучи навредливо, па оттаму тој се промовира како „здрав“ начин на живот. А диеталните производи означени како такви веќе не се перцепираат како здрави - според статистиката 61% од американските потрошувачи на храна означена како „диетална“ гледаат како на невкусна и нездрава, а истото важи и за таблетите за слабеење. Од друга страна, ако производите им се понудат како „функционални“ (што и да значи тоа), тогаш тие одеднаш стануваат не само прифатливи, туку и пожелни.
Секако, има и алтернативни решенија, како она на лорд Бајрон, кое зафатило голем дел од неговите колеги-романтичари: пиење вода со јаболков оцет пред секој оброк. Така, барем според Бајрон, не би требало да има врска дали она што ќе го јадете после тоа е „диетално“, „функционално“ или обично. Иако за тоа дека малку оцет може да стопи пита бурек не гарантираме.