Букбокс читанка

„Девојчето и цигарата“ од Б. Дитертр

Романов сигурно ќе ви се допадне ако: сте пушач, НЕ сакате деца, и ги сметате реалните шоуа од типот на Големиот брат или Икс-фактор за дно на цивилизациското дно. Писателот со комплицирано презиме така ја доловува современата атмосфера на апсурдна репресија, што го замисливме Кафка како ја крева раката и му вели: „Да пукне!".

Извесен Дезире Џонсон е осуден на смрт заради убиство на полицаец, но на денот на извршувањето на казната работите се комплицираат - тој инсистира на правото да ја испуши последната цигара. Директорот на затворот не може да го дозволи тоа, заради законот кој забранува пушење во јавни простории, а и заради фактот што целиот затвор е покриен со пушачки аларми. Врти-сучи, судот мора да обезбеди услови за таа проклета цигара, и во соработка со тутунските компании, му овозможува да ја испуши на километар од затворот, во ограден простор кого го чуваат стражари со гас маски. Целосно медиумски покриен, настанот завршува со трогателна сцена во која Дезире со набраните темјанушки испишува порака на ливадата, испуштајќи го последното димче: „Да живее животот". Нормално, после ова јавноста се крева на нозе, и Дезире е помилуван, лично од претседателот на државата.

Во паралелна приказна, еден навидум сосема обичен службеник во градската администрација, среќно женет но без деца, советник на градоначалникот на Париз, се обидува да го преживее работното време со тоа што на пауза се крие во ве-цето, со штрафцигер го отвара блокираниот прозорец, ги спушта пантоланите за да изгледа дека навистина нешто прави на шољата, и се обидува раат да испуши цигара. Истовремено, низ зградата врескаат и трчаат деца од предучилишна возраст, за кои градоначалникот, за да ја покаже својата грижа за новите поколенија, обезбедил градинка токму во просториите на градското собрание.

Едно од нив случајно ја отвара вратата на проколнатиов пушач, овој побеснува и од тука натаму работата само се комплицира. Слично како во данскиот филм „Лов" (Hunt, 2012, кој не го гледал - обавезно), човеков ни крив ни должен е обвинет, не за „педофилија" (термин кој се смета за несоодветен бидејќи конотира извесна љубов кон децата), туку за „криминал против деца". Обидувајќи се слично како и во примерот на Дезире да ја сврти јавноста на своја страна, но полека губејќи ги силите пред налетот на апсурдноста, тој се пријавува како доброволна замена за еден од киднапираните од страна на некаква чудна терористичка група, која наместо да ги погубува своите жртви по случаен избор овозможува тие да бидат бирани од страна на публиката како во талент шоу. Нашиов јунак прави сè за да испадне најнеталентиран и најглуп, и без ни ронка благодарност од оние кои ги спасува со својот гест, на крај завршува со пресечена глава.

„Црн хумор" е премалку за атмосферата на книгата која делува и тоа како познато. На Дитертр апсурдот очигледно му бил идеја-водилка уште од раните дела - во 1982 тој му испратил текст на Семјуел Бекет замолувајќи го за мислење, а овој несебично го охрабрил и го препорачал во некое француско списание. Тоа се смета и за главниот мотив што Беноа продолжил да пишува, паралелно со занимавањето со современа музика (завршил музикологија во Руен, а се познавал и со Штокхаузен). Поддршка кон делото на овој автор дал и Кундера, кој за романов напишал: „Она што најмногу го ценам во Девојчето и цигарата е јасноста со која овој роман ја разоткрива фундаменталната глупост на нашиот модерен свет, црниот хумор кој го трансформира ужасот во фасцинантен мрачен танц".

Немам што да додадам, дури и како непушач, кој сака деца. 

 

ПС. По барање на читатели (здраво Пеце), Букбокс читанката од сега ќе ја објавуваме во овој формат. 

19 јули 2014 - 11:38