Таканаречениот Закон на Амара (според футуристот Рој Чарлс Амара) гласи:
Имаме тенденција да ги преценуваме ефектите на технологијата на краток рок, а да го потценуваме истите на долг рок.
Повеќето од нас го имаат почувствувано овој феномен - оптимизмот поттикнат од развивањето на нова или подобрување на постоечка технологија која решава некој горлив проблем, особено во поглед на комуникација и зголемувањето на ефикасноста, како Зум во времето на пандемијата.
Но ваквиот ентузијазам знае да го стесни видикот и да поттикне некритичко мислење. Фокусот е ставен на иновативноста и ефикасноста, а не на долгорочните ризици и потенцијални проблеми. Ова е дел од тн. циклус на „хајп“ односно возбуда (hype cycle), кој рефлектира фаза на преголеми очекувања, по која следи период на разочарување и скепса. Иако не звучи така, токму оваа фаза може да биде најкорисна, критична за подлабоко истражување, експериментирање и развивање на технологијата која навидум потфрлила (тн. угорнина на просветлувањето).
Понекогаш, за една иста работа, циклусите можат и да се повторуваат, точно на истиот начин. Почетниот ентузијазам во врска со вештачката интелигенција во 1960-тите довела до разочарување кога таа не ги исполнила огромните очекувања (а луѓето сакаат ова да се случи во текот на нивните животи и по можност веднаш). Најновиот напредок во оваа област, на пример со чет ботовите, би требало да биде резултат на фазата на „просветленост“ по која следи онаа на продуктивност. Но всушност изгледа дека ако помине доволно време, новиот развој го иницира магичниот круг од почеток.
Повторно, од ноември 2022 кога беше претставен Chat GPT и стотина милиони луѓе се закачија на софтверот, се појавија конкурентски програми, а примената експлодираше во речиси сите сфери од општеството (особено кога станува збор за содржини на англиски). Но многу бргу почна да се развива скепса во врска со можното користење на технологијата за плагијаторство и „заглупување“ на човештвото поради олеснувањето на процесот на добивање одговори и генерирање трудови. Дополнителен проблем е што терминот „долг рок“ од горниот исказ на Амара (кој го срочил некаде во втората половина на минатиот век) сега не означува децении туку година, па дури и месеци.
Во таква брзаница, тешко е човек да застане пред брдото на просветлувањето, да земе здив и истото да го искачи со доволно информации и самодоверба за да го совлада. Така, трпението, постојаното следење на информациите и критичкото мислење ставено на најјако денес се попотребни отколку кога имало време прашината да слегне и нештата да се видат во појасно.