Демнење или уметност?

Делото „Венецијанска суита“ e едно од најпровокативните и влијателни остварувања на современата концептуална уметност. Во него, француската уметница Софи Кал (1953) ги истражува односите меѓу набљудувачот и набљудуваниот, приватното и јавното, како и тенката линија помеѓу реалноста и фикцијата.

Софи Кал, во 1980-тите, кога имала околу 30 години, на забава во Париз се запознала со маж по име Анри Б.. Во неврзан муабет тој спомнал дека ќе оди за Венеција и таа долучила да го следи. Ова го претворила во проект - ги документирала сите детали, локации, телефони на хотели, дури и посета на полициска станица каде се обидела да дознае каде е сместен. Убедила жена која живеела од спротива да ја пушти да го фотографира од нејзиниот прозорец. Сепак, сите црно-бели слики всушност никогаш не го гледаме човекот во целост, туку само добиваме некаков впечаток за неговиот „фантомски“ изглед, најчесто регистриран од зад грб, додека минува низ улиците на Венеција. Убавината на околината дава дополнителен, филмски квалитет, засилувајќи ја трилер-атмосферата. 

Ова се претвора во авторефлексивна етнографија, во која Кал ги запишува и своите чувства, кои не се толку љубовни и насочени кон самиот човек, колку кон целата неодреденост и неизвесност која ја создава овој необичен однос. Понекогаш методологија на авторката е систематична (на пример списоци на нејзини пријатели во Венеција кои би можеле да свртат телефон некаде наместо таа), а понекогаш е сосема произволна, како следење на момче за достава за да види дали тоа ќе ја доведе до него. Уметницата дури користи маска (перика) и различни стратегии за да остане незабележана, што ја приближува до улога на детектив, но и на актер во сопствената приказна.

Особено значајно е тоа што таа не се обидува да ја сокрие етичката проблематичност на своето дејство. Напротив, ја користи како централна тема: што значи да се набљудува некој без негово знаење? Колку можеме да знаеме за другите? И дали, всушност, преку следењето откриваме повеќе за себе отколку за другиот? Делото ја разнишува границата меѓу субјект и објект, покажувајќи дека набљудувачот исто така станува дел од приказната.

Проектот, кој немал намера да стане официјален, на крај излегол клучен за нејзината кариера. Тоа е хибридно дело, комбинација од фотографии и текст, нешто помеѓу дневник, детективски извештај и уметничка нарација. Фотографиите често се нејасни, направени од дистанца, како да гледаме преку очите на некој што се крие. Во поширок контекст, ова дело го отвора прашањето за осаменоста и отуѓеноста во модерниот град. Иако луѓето се физички блиску, тие остануваат непознати едни за други. Следењето станува начин да се воспостави врска, но таа врска е еднострана, исполнета со проекции и фантазии.

11 април 2026 - 10:10