Дејвид Седарис: Чуму еуфемизми?

„Татко ти сигурно бил прекрасен човек штом доживеал толкава старост“. Божем тоа функционира така, ти додаваат екстра години за добро однесување. Секакви добри луѓе умираат млади. Знаеш кој живее „добар долг живот“? Дик Чејни. Хенри Кисинџер. Руперт Мардок.

Кога ќе почине нечиј родител, првото што некој го кажува е „знам дека татко ти даваше сè од себе“. Да, да. Човек може да ја мава жена си со автомобилска антена, може да ги продава сопствените деца за дроги или мотори, ама кога ќе умре, неговите ќе мора да слушаат од туѓинци дека тој „го правел најдоброто што можел“.

„Погледнете околу себе“, сакам да речам. Мал број луѓе всушност го даваат најдоброто од себе. Затоа и ги отпуштаат од работа. Затоа ги апсат или се разведуваат. Затоа им паѓаат забите. Мислите дека готвачот одговорен за оваа водлеста „спанаќопита“ навистина го дал најдоброто од себе? Дали тоа што седиш спроти мене, исфрлајќи клишеа и општи места, е навистина најдоброто што можеш да го сториш?

Исто така не го користи зборот passed (премина) освен во „Подај (pass) ми ја солта за да можам да го проголтам моето безвкусно ѕаѕики“ или „Знаев дека возиме бавно на пат кон гробишта кога нè помина (pass) кочија со коњи а човекот ни покажа среден прст“.

Татко ми не „премина“. Ниту пак „замина“. Тој умре.

Зошто еуфемизми? Кому навистина му помагаат? Се сеќавам дека една жена на радио пред неколку години кажа дека Принс „транзитирал“. Навистина? Се замислив. А кога станал жена? Неколку дена пред да се предозира?

Исто така, може да ме олабавите малку со тоа „нè гледа од небесата“? Како во „Сигурен сум дека сега мајка ти ве гледа одозгора тебе и твоето семејство“.

Сигурен си? Сигурен си дека има рај над прекривката облаци, таков кој до сега не го регистрирал ниту сателит ниту вселенско летало, од каде мајка ми може да нè ѕирка мене и брат ми, сестрите, некои од нас со шапки на главите, и да нè забележи вака седејќи внатре помеѓу осум милијарди други луѓе на Земјата, и тоа без да ги носи своите наочари, бидејќи тие не беа со неа во кутијата кога беше претворена во пепел? Затоа што, да беше тоа можно, таа сигурно немаше да мисли „Толку се гордеам со син ми“, туку „Зошто побогу го слуша овој шупак?“

Што се однесува до татко ми, тој повеќе гледа нагоре, а не надолу кон мене. Имаше 98 години. „Благослов“ - повторуваш. „Сигурно бил прекрасен човек штом доживеал толкава старост“. Како тоа да функционира така, ти додаваат екстра години за добро однесување. Секакви добри луѓе умираат млади. Знаеш кој живее „добар долг живот“? Дик Чејни. Хенри Кисинџер. Руперт Мардок.

„Тој секогаш ќе биде со тебе“ е уште една напорна фраза која се надевам веќе никогаш нема да ја слушнам. Како одговор велам, „А што ако НЕ сакам да биде со мене? Што ако 64 години постојана критика и понижување беа доволни, и всушност сум многу ок со тоа што јас и татко ми си одиме по свој пат, тој во ладилник во погребално а јас тука на масава за деца“. Уште неколку дена нема да биде во својот гроб. Тоа е она „подобро место“ каде ми велите дека се упатил? Гробиштата кои луѓето ги поминуваат кога одат на аеродром? Можеби парцела со поглед на автопералната што неодамна затвори? И од што точно е тоа „подобро“? Од овој ресторан, тоа е сигурно, но од што друго? Од оваа држава? Оваа земја? Планетава?

Без навреда, но како па знаете каде се упатил. До пред малку не знаевте ни кај е машкото ВЦ да не ви кажев, па како одеднаш верувате дека сте толкави зналци? Најдоброто што можете да го кажете со некаков степен на сигурност е дека татко ми е на ДРУГО место, значи НЕ во ресторан во градот кој може да организира собир на осумнаесет души со претходна најава од само пет часа, што (хинт) било можно само затоа што никој друг не сакал да јаде тука, особено не јас, само што морам да си ја чувам силата. Затоа што сум во жалост.

извор

Поврзано: 
Букбокс читанка за „Јас зборам добро еден ден“ од Седарис

2 септември 2021 - 17:05