Даниел Деј Луис го напушта актерството

Вакви негови изјави додуша имаше и претходно, и се однесуваа на подолги, неколкугодишни паузи помеѓу проекти. Ама сега изгледа е за стално.

Откако стана единствениот кој три пати има добиено Оскар во актерската категорија, се закити со титула витез и играше во филм кој според Њујорк Тајмс е еден од најдобрите на 21 век (There Will Be Blood), Даниел Деј Луис одлучува да ја батали глумата.

„Тој е бескрајно благодарен кон сите негови соработници и кон публиката која го следеше изминатите години. Ова е приватна одлука и тој нема понатаму да коментира ништо на оваа тема“, изјавила неговата портпаролка. 

Ако се држи до зборот, негов последен ќе биде Phantom Thread, филм на Пол Томас Андерсон за светот на високата лондонска мода во 1950-тите. Тој во него глуми кројач кој дизајнира облека за високите ешалони на британското општество и за кралското семејство. Премиерата се планира за декември.

Деј Луис знае да оди во екстреми кога се подготвува за улога. За There Will Be Blood живееше во шатор во изолиран дел на Тексас за да влезе во карактерот на манијакалниот нафтен барон. За My Left Foot подолг период живееше во инвалидска количка, а во текот на работата на „Линколн“ продолжувал да оди, зборува и да изгледа како Линколн и кога не снимал со Спилберг.

Деј Луис, кој денес има 60 години, е познат по минувањето долги периоди подалеку од филмските камери, живеејќи изолирано и работејќи како дрводелец. Ова толку го обземало што во едно од ретките интервјуа тој признал дека неговиот 9-годишен син Ронан мислел дека татко му не е актер туку градежен работник. Тоа било така додека Скорсезе не му пришол со понуда да го игра Били Бучер во Gangs of New York. Можеби и по најавата за повлекување, некој голем режисер ќе му пристап со толку добро сценарио, и со улога која бара толкав ангажман, што Деј Луис нема да може да одбие.

21 јуни 2017 - 09:37