Дали во последно време сте имале „жив секс" (live sex) со некој кој ви е „гарнир" (side dish)? Ова на југлиш (се пишува Uglish, што има и двојно значење на грд англиски) би значело дека сте имале незаштитен секс со љубовница. Вакви и слични изрази се регистрирани во книгата на Бернард Сабити, јазичар од Уганда, кој долго време собира колоквијализми од, како што го нарекува, „една од најсмешните и најчудни варијанти на англискиот во светот".
Сабити вели дека подемот на јунглиш е директно поврзан со падот на образовните стандарди, заради што младите немаат шанса да го научат англискиот онака како што треба. Но огромно влијание има и интернет, како и локалните музичари кои воведуваат голем број зборови во неформалниот речник на угандско-англискиот, од кои повеќето се постоечки но со сосема друго значење од вообичаеното. Цело поглавје од книгата е посветено на знаци и графити кои ја покажуваат креативната (зло)употреба на англискиот, кој во ваква форма е разбирлив само за локалците.
Ова секако не е ни прв ни последен случај на извитоперување на англискиот во неанглиски контексти - „синглиш", сингапурскиот англиски, е мешавина на кинески, малајски и тамилски зборови, и покрај напорите на владата да протежира „добро зборување на англискиот", е длабоко вкоренет во секојдневната комуникација. Намлиш се зборува во Намибија, и според оние кои го слушнале се заснова на само едно граматичко правило - дека нема правила. За македонскиот англиски и изразите од типот „го кропнав“ или „не ме тагувај“, ич да не почнуваме.
Еве некои примери од југлиш:
Beep – ко наша „титка" на мобилен
Bounce – да одиш од настан до настан, или да бидеш исфрлен од некое место за забава
Buffalo – некој кој лошо зборува англиски
Bullet – „протечено" испитно прашање или тест
Dirten – валкање на нешто
Special – такси за поединец (затоа што во Уганда такси возилата главно имаат 14 седишта)
Vacist – студент на одмор