Во текот на епидемијата на САРС од 2003, речиси сите заболени во САД биле луѓе кои неодамна патувале во делови од светот со повисока стапка на ширење на САРС, како Кина. Во јули истата година, истражувач на Универзитетот Оцума во Токио, Сакае Иноје, посочил кон еден загадочен факт: во Кина во тој период имало повеќе јапонски отколку американски туристи, па сепак Јапонија некако го одбегнала вирусот, со нула пријавени случаи.
Претпоставката на Иноје, за која напишал писмо до медицинското списание The Lancet, било дека САРС можеби полесно се пренесува во одредени јазици, во случајов англиски и кинески, поради поголемото количество воздух потребно да се произведат вообичаените звуци. Така, согласките п, т, к и други кога се пред самогласки во кинескиот се изговараат „експлозивно“, за разлика од јапонскиот, каде ова не е случај, а и звукот „п“ е доста редок.
Во текст објавен во Вајс деновиве, авторот се навраќа на оваа теза во контекст на Ковид-19 и фактот дека Јапонија (пак) е со многу низок број случаи, постигнат без строго социјално дистанцирање или обемно тестирање како што е случај во други земји. Во мај на Твитер почна да циркулира клип од јапонската телевизија во која жена вели „Ова е пенкало“, најпрвин на јапонски а потоа на англиски, со марамче закачено пред лицето. Кога зборува англиски, оваа реченица предизвикува платното да трепери; кога зборува јапонски, тоа речиси не мрда.
📺 A theory on why Japan was able to contain the coronavirus outbreak... according to TBS pic.twitter.com/9d0cIxvS1X
— Kurumi Mori (@rumireports) May 21, 2020
Одеднаш болеста стана интересна и за лингвистите, кои се поделија во ставовите околку тоа дали е клучот во различните јазици, или во тоа како изговараме различни зборови во кој и да е јазик. Секако, предвид треба да се земе и личниот стил на зборување, дијалектите итн.
Темата е обработена во најново издание на лингвистичкиот подкаст Lexicon Valley, под наслов „Коронавирус: изолација и дишење“. Aвторот Џон МекВортер, професор по англиски и компаративна книжевност на Универзитетот Колумбија, вели дека теоријата за послабата „виралност“ на јапонскиот не држи, затоа што има европски јазици, на пример шпанскиот и францускиот, чии консонанти не се толку „аспирирани“ (не е потребно исфрлање толку воздух при изговор), па сепак како што е познато во овие земји има висок број на заразени. Kaко екстремен пример на јазик кој има од наш аспект речиси неизговорливи зборови, без самогласки, го издвојува јазикот нуксалк, познат и како бела кула. Тој е загрозен јазик на домородниот северно-американски народ Нуксалк, кого го зборуваат само 10 луѓе, со обиди тој повторно да заживее. На пример кора од некакво дрво битно за животот на заедницата се вика „плхткн“ (изговор тука), а вдовица к’илхквтмтслк (тука). Слично стои работата и со берберските јазици, каде исто така нема самогласки во голем број зборови, како еден вид лингвистичка „економија“ според која самогласките се подразбираат.
Целата епизода е прилично интересна бидејќи ја анализира и етимологијата на некои изрази во англискиот кои често се повторуваат во текот на пандемијата - изолација, карантин, виртуелно - а кои ги користиме и на македонски. Истовремено, ги појаснува и најчестите грешки кои откако еднаш ќе влезат во јазикот тешко од таму излегуваат, на пример тоа што обично за самата болест велиме дека е „корона“ а не „Ковид“, и причините за истото („корона“ според него делува како попријателски настроен збор, по „топол“, како женско име, а Ковид е како „нешто што има рогови“:)
Назад кон теоријата дека зборувањето некој или кој и да е јазик е канал за можна зараза, она што останува е дека најдобро во овој период, а за некои богами и понатаму, е да - молчиме.