Во свет во кој младоста се цени повеќе од мудроста, а убавината повеќе од вистината, се плашиме од стареењето како од девалвација на личноста. „Мислевме дека годините ќе поминат над нас како пустински ветар над дини“, пишува Марина Бенџамин во „Среднопауза“ (The Middlepause), една од спомнатите книги на оваа тема, „како нежен развигор, кој ќе ни донесе само мала промена на формата, но ќе ни ја остави суштината, нашата фундаментална ’диност’ недопрена. Ама за голем број жени стареењето е повеќе како тупаница во фаца, која сосема го менува ликот“.
Оваа книга, како и онаа на Миранда Соер, „Надвор од времето: средовечност, ако уште мислите дека сте млади“, е комбинација на исповед со совети за самопомош на оние кои се помеѓу 45-тата и 50-тата година од животот, и кои чувствуваат дека животниот оган кој некогаш го имале почнува полека да се претвора во мат светилка од 40 вати. Деца кои се уште не се доволно одраснати за да бидат самостојни, неисплатени кредити, одговорно но не доволно платено работно место, здравствени проблеми кои никогаш не си ги имал, килограми кои се приврзале за твоето тело како за сопствена мајка, дилема дали да се ставиш на хормони или на седативи, чувство дека некои други жени многу поелегантно излегуваат на крај со сето ова. Барем оние од рекламите за онаа нова крема со комплицирано име на состојка за подмладување (ку-пе-ге-137-плус) или со лига од полжав. Твоето тело пак, како што пишува Соер, „станува по месесто, до толку што ти иде да си ги ставиш бицепсите помеѓу две парчиња леб, и да ги прождереш“.
Она што сепак најмногу мава кога си средовечен не е (само) снеможувањето на телото, туку нешто многу подлабоко, навидум метафизичко а всушност многу конкретно - вознемиреноста за сите идни патишта кои никогаш нема да ги минеш затоа што средовечноста носи едно сведувачко чувство на она што е можно. Нешто што една од спомнатите авторки го нарекува ersatz (лажна, синтетичка) носталгија, но чие доживување е прилично реално.
Можеби најдобриот совет го има Барбара Бредли Хагерти, новинарка во НПР, во „Повторно замислен живот: науката, уметноста и можностите на средовечноста“, третата и најоптимистична книга на оваа тема (веројатно затоа што е напишана од Американка), која вели дека човек со време треба да се подготвува за средовечност, на некој начин намерно предизвикувајќи ја, дури и кога блика од младост. Ова „стишување“ на страстите помага полесно да се мине во новата фаза, што секако не подразбира целосно замирање на животните сокови - напротив, воведувањето на новини (какви и да се, учење нов јазик, аргентинско танго, дружење со нови луѓе) наводно освежувало. А оној кого сето ова го мрзи, како што вели критичарката на Њу Стејтсмен, може само да си направи уште едно кафе (или чај), и едноставно да продолжи со животот,