Раздор во книжевните кругови

Дали писателите си го губат времето на Твитер?

Минатата недела Џонатан Франзен повторно плукаше врз Твитер, спомнувајќи негови колеги-писатели кои според него ја потпомагаат културната апокалипса предизвикана од технологијата. Некои од нив се најдоа погодени.

На Франзен му се придружи и познатиот аналитичар на Њујорк Тајмс, Пол Кругман, и самиот автор на бројни книги од областа на економијата, кој во текст под наслов „Смрт од твит" изјави:

„Имам и попаметни начини да си го трошам времето. Не мислам дека моите моментални реакции се особено интересни. Нo морам да признаам дека сум видел како луѓето се уништуваат себеси со тоа што твитаат нешто навистина навредливо. Зошто го прават тоа? Па изгледа дека голем број инаку истакнати луѓе имаат некаков вид внатрешни демони - често хомофобија, но и расизам, сексизам или друг вид генерализиран презир кон голем број други луѓе. И социјалните медиуми премногу лесно дозволуваат овие демони да се појават пред поголема публика. Не мислам дека имам демони, но кој знае? Ако веќе направам какви и да е непријатни откритија во врска со себеси, би сакал тоа да го сторам на само, фала".

Но други писатели кои активно ја користат оваа социјална мрежа се најдоа погодени. Салман Ружди, Ерика Јонг, Нил Гејман, Паоло Коелјо, Стивен Фрај...зарем сите си го губат времето на Твитер, коментирајќи го последниот испад на Мајли Сајрус или нечиј секс на решо?

Ружди, кој патем има повеќе од 600,000 следачи, се огласи со твит, во кој пингајќи ги колегите-твитерџии, му порача на Франзен: „Уживај си во стакленото ѕвоно".

Сепак, многумина реагираат дека твитањето не е во конфликт ниту со јавниот ангажман (напротив), ниту пак со продуктивноста во пишувањето. Исто е дали зјапаш во „конект", опседнат дали некој ќе те спомне или ќе ти пише на Твитер, или ќе гледаш фудбалски натпревар кој не те интересира или просто ќе пиеш до сабајле.

„Писателот презема детални мерки за да си ја обезбеди осамата, а потоа изнаоѓа бескрајно многу начини неа да ја поремети", изјави Дон ДеЛило, авторот на бројни бестселери, кој не е на Твитер, но сигурно страда од моменти на креативни блокади и одложување на обврските. На крајот на краиштата, да се биде или не на Твитер е личен избор, кој не треба да им се наметнува на другите, уште и обвинувајќи ги за некакво интелектуално предавство.

17 септември 2013 - 08:59