Делото 4’33’’ на Џон Кејџ е веројатно најпознатото кое ја користи целосната тишина како звук, поточно како начин неговото отсуство да ја натера публиката да ги слуша другите нешта кои ја опкружуваат. „Не постои нешто како празен простор или празно време“, изјавил тој. „Секогаш има нешто што може да се види, да се слушне. Всушност, колку и да се трудиме да создадеме тишина, не можеме да го сториме тоа.“
Начинот на кој вообичаено мислиме на слушањето е дека тоа е низа од звуци, како врева, песна, гласот на нашиот соговорник, свирката на автомобилите. Но помеѓу овие звуци има тивки паузи кои се обележани од отсуство на акустични бранови. Тишината е интегрален дел од нашето секојдневно искуство: непријатната пауза во разговорот, секундата по удар на гром, моментот откако ќе заврши некое музичко дело до почетокот на аплаузот. Изразот „заглушувачка тишина“ е вообичаена метафора.
Соочувањето со начинот на кој ја перцепираме тишината е како зен-коан за невронаучниците - тие буквално треба да се соочат со звукот на плескање на една рака. Предизвикот се состои од одговор на неколку прашања: Дали мозокот навистина ја „слуша“ тишината како информација која се процесира на истиот начин на кој тоа се прави со звукот на автомобил? Или слушниот орган наместо тоа ги регистрира овие празнини и поставува маркери помеѓу звуците, третирајќи ги како тивки места?
Студија објавена на 10 јули во Proceedings of the National Academy of Sciences USA вклучува резултати добиени од експеримент кој покажува дека навистина, нашиот мозок активно ја перцепира тишината на ист начин како што слуша звук.
Истражувачите прилагодиле серија добро познати аудитивни илузии коирстени од експерименталните психолози за да покажат дека умот реагира на тишина на ист начин како и на звук. Вкупно 1000 луѓе учествувале во седум тивки експерименти кои користеле три тивки илузии.
Првата, наречена „едно е повеќе“ се состои од два пократки тона следени од еден продолжен тон. Луѓето реагирале со тоа што изјавиле дека тој еден тон е подолг од двата пократки, иако нивната вкупна должина била иста. Ова произлегува од перцептивен процес наречен „сегментација на настани“ во кој умот процесира звуци со тоа што го дели продолжениот внес на дискретни „настани“. Така, еден единствен „бип“ може да делува подолг од два одделни.
Во адаптираната верзија на оваа когнитивна вежба, учесниците биле внесени во амбиентална врева, како звуци на ресторан или на железничка станица. Снимката вклучувала две тивки паузи после кои вревата продолжила, а потоа бил пуштен континуиран интервал на тишина.
Илузијата и во овој случај се потврдила, исто онолку силна колку и во претходните експерименти. Учесниците тврделе дека единствената тивка пауза била подолга од двете пократки, што сугерира дека нашиот ум конструира слични аудитивни репрезентации кога е во прашање тишина како и кога е во прашање звук.
Користени се и други тестови за аудио илузии, кои можете да ги пробате и самите тука. Сите тие укажуваат на тоа дека проучувањето на тишините може да биде почетна точка за други видови отсуства, како сенки или дупки - дека тоа се нешта кои зависат од перцепцијата, а штом е така дека можеме евентуално да имаме контрола над нив. Тишината ни помага да ги разбереме отсуствата на нештата на нов начин, дека ним сепак им е потребен „носител“. На дупките во кружните крофни им е потребна крофна. На тишините им треба врева или музика која во одреден момент престанува.