„На 40 години, Кафка, кој никогаш не се оженил ниту пак имал деца, шетал низ парк во Берлин кога сретнал девојче кое плачело затоа што си ја загубило омилената кукла. Таа и Кафка безуспешно ја барале. Toj ѝ предложил да се сретнат следниот ден. Тогаш ѝ дал писмо напишано од куклата, во кое пишувало: - Те молам не плачи. Заминав на пат за да го видам светот. Ќе ти пишувам за моите авантури. На следните средби постојано ѝ читал нови раскази, како да се напишани од куклата. На крај, кога дошло време куклата да се врати дома, купил нова. - Оваа воопшто не личи на мојата, рекло девојчето. Кафка ѝ дал друго писмо во кое куклата напишала: „Патувањата ме променија“.
По многу години сега веќе пораснатото девојче нашло писмо во играчката. Во него, потпишано од Кафка, пишувало: „Сè што сакаш веројатно ќе биде загубено, но љубовта ќе се врати на друг начин“.
At 40, Franz Kafka who never married and had no children, walked through a Berlin park when he met a girl who was crying because she had lost her favourite doll. She and Kafka searched for the doll unsuccessfully. Kafka told her to meet him there the next day THREAD 1/5 pic.twitter.com/MzCJlyvgkY
— Fleur Brown 🌻🌻🌻 (@fleurbrown) September 4, 2021
Трагата на приказната, која има неколку верзии, води повеќе од половина век во минатото, до извор близок до самиот Кафка - неговата придружничка во последната година од животот, Дора Диамант. Сепак, и покрај ентузијастичните обиди на неколкумина експерти и истражувачи на ликот и делото на Кафка, не е пронајден конкретен доказ за постоењето на вакви писма.
Вињетата денес во бранови се појавува на социјалните мрежи, особено поврзано со одбележувањето на тн. Денот на таткото. Се користи во мотивациски говори и од страна на терапевти, како „исцелителна приказна“. Пол Остер ја има вклучено во својот роман „Бруклински будалаштини“ од 2005, а во март 2021 излезе графичка новела за деца „Кафка и куклата“ од Лариса Туле и Ребека Грин. Сепак, „оригиналната“ верзија која Дора ја раскажала лично на Марте Роберт, преведувачка на Кафка на француски, на почетокот на 1950-тите, се разликува во неколку многу битни детали. Во неа нема замена за куклата, и нема срцепарателно откритие на белешка. Наместо тоа, откако пишувал писма во тек на најмалку три недели, Кафка на крај ја завршил епизодата со тоа што го информирал девојчето (преку писмата од куклата) дека е време да престане да жали, и дека е најпаметно наскоро да се омажи и да почне нов живот со својот сопруг. „Ќе разбереш, мораме да престанеме да се гледаме“, гласел крајот.
Додуша, Дора му кажала малку поинаква и потрогателна верзија на Макс Брод, долгогодишниот пријател на Кафка и извршител на неговото наследство. Таа содржела момент во кој Франц, за да го утеши девојчето сепак купува нова кукла.
Според повеќето истражувачи кои се занимавале со случајот, најверојатно е Дора Диамант едноставно да ја измислила приказната, иако не е јасно кој би бил мотивот. Ако таа пак била вистинита, и вакви писма постоеле, можно е тие да биле помеѓу запалените материјали кои таа ги уништила по смртта на Кафка согласно неговите инструкции. Освен тоа, пролетта 1933 Гестапо влегол во станот на Дијамант во Берлин каде таа живеела со човекот со кого подоцна се омажила, Лудвиг Ласк, германски комунистички лидер, и запленила одреден број ракописи на Кафка. Можеби помеѓу нив се и овие писма, кои чекаат да бидат откриени во некој архив.