Идејата за фотографирање постоечки фотографии на Принс му паднала на памет уште во 1970-тите, а најпознати резултати од неговата досегашна употреба на оваа методологија се „Духовна Америка" која ја користи славната и контроверзна фотографија на Гери Грос на десетгодишната Брук Шилдс во када, и серијата фотографии на каубојци, кои се всушност рефотографирани реклами на Марлборо. Оние кои му се наклонети велат дека Принс не краде, туку „истражува" слики од масовните медиуми низ призмата на авторството и сопственоста, и дека на тој начин ги преиспитува идентитетот и историјата на американските икони.
(Примерок од Ловец во 'ржта на чија корица го заменил името на Селинџер со сопственото)
Најновиот скандал поврзан со него е изложба на фестивалот Frieze art во Њујорк овој месец под наслов „Нови портрети", каде тој презентираше серија Инстаграм фотографии, главно преземени од профил кој им припаѓа на тн. Suicide Girls, заедница на манекенки и актерки со панк-рок естетика. Единствената негова интервенција се лажни коментари кои тој ги има додадено под фотографиите.
Една од девојките ја објавила фотографијата на сопствената фотографија, со забелешка дека таа е веќе продадена за 90,000 долари, но дека нема намера да се влечка по судови со Принс, можеби поучена од претходните искуства на други уметници кои се обиделе да го тужат. Во 2008, на пример, фотографот Патрик Кариу го дал Принс на суд заради 35 фотографии од неговата книга „Да, Раста" - најпрвин судот одлучил дека Принс мора да ги уништи фотографиите, но потоа овој се жалел и го добил случајот. Само една од нив потоа му се продала за 2,5 милиони долари.
Наместо за суд, основачката на Suicide Girls, Селена Муни, се одлучи за поинаква тактика - истите фотографии ќе ги продава за 90 долари, а парите ќе ги даде за хуманитарни цели. Таа својот пост го заклучува со ироничното: „Дали имаме дозвола од г-дин Принс да ги продаваме овие фотографии? Ја имаме истата дозвола којашто тој ја имаше од нас".