Хегел, според денешните аршини, бил експлицитен расист. Тој верувал, на пример, дека црните Африканци биле „раса деца кои останале заглавени во состојба на наивност“. Домородните племиња пак живееле во „состојба на дивјаштво и неслобода“. Во „Елементи на филозофија на правото“ (Grundlinien der Philosophie des Rechts, 1821) напишал дека постои „право на хероите“ да ги колонизираат овие луѓе за да им се наметне европската култура.
Дали и како влијаеле овие ставови врз филозофскиот систем на овој мислител, кој денес се смета за еден од најголемите во историјата на филозофијата? Во неговите дела од областа на метафизиката, естетиката, историјата, политиката, па дури и ботаниката и магнетизмот, тој сакал да покаже дека постои универзален процес на дијалектичка трансформација. Еден од често цитираните примери е нешто што се нарекува „дијалектика на господарот и робот“, дискусија за тоа како опозицијата помеѓу нив придонесува за мачни и нестабилни услови кои мора да бидат променети, преку бунт, кој би довел до систем на рамноправни поединци.
Врз основа на овој пример разумно е да се заклучи дека системот на Хегел не можел да биде расистички. За каква дисонанца тогаш станува збор помеѓу неговиот расизам и значењето на неговите филозофски ставови?
Како и секогаш, треба да се погледне подлабоко, во историскиот контекст во кои се појавиле одредени идеи. Според текст објавен на Аеон на Аврам Алперт, во случајот со Хегел треба да се почне од неговите непосредни претходници во промоцијата на дијалектичкиот метод - Жан Жак Русо и Фридрих Шилер. Русо како и Хегел постојано читал сведоштва на колонијални етнографи и мисионери, иако за разлика од Хегел мислел дека чита за луѓе кои водат идилични животи, непосредно поврзани со природата. Сепак дури и тој не мислел дека сите Европејци треба да се вратат на овој начин на живеење, ниту пак дека народите од Америките треба да останат во нивната наводно природна состојба. „Карибијците“, како што тој ги нарекувал, требало да станат порационални, додека Европејците требало да станат поинстинктивни. Токму низ оваа комбинација на спротивставени елементи - инстинкт и разум - би требало да се дојде до трет начин на постоење, на „дивјаци кои ги населуваат градовите“ (звучи познато, нели?).
Дел од разумноста, според него, е способноста да се мисли и да се планира за иднината, нешто што тогашните „непросветлени“ племиња го немале. Позната е анегдотата која тој ја наведува за „дивјак“ кој секое утро го продава својот висечки кревет на францускиот колонизатор а навечер се враќа да си го откупи назад, кога ќе сфати што направил. Анегдотата е базирана на приказна раскажана од мисионер во 17 век за населението на Антилите. Притоа, Русо не зема предвид една друга можна логика (освен онаа на немање способност за планирање) а тоа е дека можеби дивјакот ја разбира трговијата поинаку од Европеецот - како привремена размена.
Иако јазикот на Шилер е далеку поапстрактен од оној на Русо, неговите расистички претпоставки се исти: има луѓе кои се премногу втопени во инстинктот (криминални дивјаци) а некои премногу заглавени во разумот (бесчувствителни Европејци). Целта е нивно комбинирање негирајќи ги најлошите страни. Овој процес на спојување преку негација на германски се нарекува Aufhebung, што значи истовремено поништување и зачувување. Навидум парадоксална, оваа постапка би требало да резултира со поподреден и поправичен начин на живот.
Комбинирајќи ги Русо и Шилер со сопствената филозофија, Хегел смета дека црните и домородните народи имаат „заспана“ дијалектика, заглавени се во природата, и не можат самите да го започнат процесот. Токму тука стапува на сцена „правото на хероите“ да колонизираат - само на тој начин „другите“ можат да станат дел од поширокиот концепт на човечка слобода.
Сето ова не им пречело на афрички мислители и активисти како Франц Фанон - психијатар и политички филозоф од француската колонија Мартиник или Леополд Сенгор, поет и прв претседател на Сенегал и добитник на Струшкиот венец на поезијата во 1975, да ја прифатат Хегеловата филозофија. Она што нив ги привлекло била можноста она што изгледа како спротивставеност низ дијалектичкиот процес да изроди нов свет, подобар систем. Можеби токму нивното читање на Хегел е доказ дека дури и филозофија изникната од колонијално минато, чиј автор имал отворено расистички ставови, може да се чита на начин кој е продуктивен и навистина дијалектички.