Трите автори на првата „сезона“, „Црно огледало: том 1“ се веќе најавени од издавачот Рандом хаус букс. Тоа се Кори Докторов, Клер Норт и Силвен Нувел. Иако сите се со претходно искуство во жанрот на научната фантастика, од нив најпознат е веројатно првиот, канадско-британски новинар и автор, ко-уредник на блогот Боинг Боинг.
Идејата е од суштината на за многумина култното ТВ шоу да се создадат нови, оригинални, мрачно сатирични приказни кои ќе поттикнат дополнителна колективна нелагодност во врска со модерниот свет (како постоечкава да не е доволна...). Со оглед на тоа што досегашните нарации се однесуваат на средбата на технологијата и нашите ранливи човечки животи, на некој начин е иронично што серијата ќе продолжи во таква „стара“ медиумска форма каква што е физичка книга. Ова не му избега и на авторот на серијата, Чарли Брукер, кој коментираше:
„Сосема нови Блек мирор приказни од возбудливи автори - тоа е радосен момент. И тие ќе се појават во хај-тек нов формат познат како ’книга’. Изгледа сè што треба да направите е да гледате во некој вид код од мастило на хартија, и сликите и звуците магично ќе ви се појават во главата, прикажувајќи ја приказната. Мене ми звучи претерано, ама да видиме“.