„Ќе видиш кога ќе станеш родител“ е мантрата која им се кажува на помладите, кога тие ги потценуваат маките на одгледување човек од „мрвка месо“. За да се добие макар и далечно чувство за истото не е доволно да одгледуваш собни растенија или да чуваш куче. А ни да храниш виртуелни миленичиња на апликација. Затоа, во американските средни училишта некој смислил поинаков начин - грижа за бебиња роботи кои им се доделуваат на учениците во рамки на часовите по здравствено образование, за да видат како е. И потоа повеќе да внимаваат за да одбегнат тинејџерска бременост.
Станува збор за пластични кукли со вградена електроника, која прави да се активира плачењето. Тоа се случува дење-ноќе, со тоа што снимката е од реално бебешко викање. Спиењето, јадењето и „одењето по надвор“ е базирано на распореди кои ги правеле реални родители за нивните исто така реални бебиња. Овие вештачките чинат над 700 долари парче и се со различна боја на „кожата“. Ученикот кој во моментот е „родителот“ на себе носи алка која на почетокот ја поминува над бебето за идентификација. Секоја алка е персонализирана, а грижата за бебето се оценува. Ако тоа плаче тогаш треба да се направи едно од четири нешта - „изждригување“, „нишање“, „менување пелена“ или „хранење“. За последново на устата на бебето се принесува лажно шише и ако тоа е гладно тогаш прави сркачки звуци. Пелената е реална.
Секако ова го попречува учењето по други предмети, како и слободните активности. А според дневниците на учениците тие некогаш се будат и по девет пати ноќе. Оценувањето се врши врз основа на детален електронски запис за тоа што и кога се случувало. Со тоа што некои нешта за среќа не се запишани - како кога ученик од њујоршко училиште го испуштил бебето врз шини додека чекал воз.
Во текст објавен во Њујорк Тајмс на оваа тема од 2019 се вели дека вакви „кукли“ биле користени во 2/3 од американските училишта, а нивен производител била компанијата со симболично име Realityworks. Но има малку докази дека целта на оваа вежба - зголемување на свесност од последиците од рана бременост - била постигната. Програмата од многумина е оценета како „тактика на заплашување“ а не на укажување на реалноста на родителството, кое не подразбира само физички активности направени во точно одредено време, и на одреден начин. Истовремено, критиките се упатени кон образовните власти кои го дозволуваат ова како заобиколување на можната политичка некоректност од разговор за секс и контрацепција.