Нова изложба под наслов „Без раце: уметноста на Сара Бифин“ ќе се отвори во една од најголемите комерцијални галерии во Лондон, Филип Моулд и компанија. Таа ќе вклучи портрети и автопортрети на една необична и недоволно позната фигура во британската уметност.
Родена со состојба наречена фокомелија, Сара Бифин немала ниту раце ниту нозе. Растела во руралниот Сомерсет, каде се научила да пишува, да слика, да шие и да користи ножици. Била толку решителна, што кога семејството одело в црква, одбивала да биде носена на раце, па наместо тоа се тркалала до своето место.
За да помогне на домашниот буџет таа настапувала со патувачки циркус, сликајќи пред публика со устата. Гледачите понекогаш добивале цртеж направен на лице место чија цена била вклучена во билетот. Други плаќале три гвинеи за нејзините минијатурни портрети. Еден весник забележал: „Нејзиниот допир е толку деликатен што таа лесно може да врзе влакно во јазол користејќи го јазикот“.
Нејзината популарност драматично пораснала откако му направила портрет на извесен гроф, кој седнал да ѝ позира на панаѓур во Лондон. Бил толку импресиониран од нејзинот талент што ѝ платил да учи кај познат сликар, Вилијам Маршал Крег. Од 1816 таа се промовирала како независен уметник и добивала нарачки од благородништвото. Толку била славна што Чарлс Дикенс во неколку романи ја спомнува „малата дама без раце и нозе“.
Иако делувало дека нештата одат на добро, извесен Вилијам Стивен Рајт откако оженил со неа ѝ го скршил срцето бегајќи со нејзините пари. Починала во 1850, на 66 години.
Во последно време во Британија има зголемен интерес за нејзините дела. Тоа се главно портрети и автопортрети, на кои е прикажана со четка зашиена во ракавот на фустанот, со која ракувала користејќи го рамото и устата. Помеѓу сликите има и мртви природи, како нејзината „Студија на пердуви“, а изложбата ќе вклучи и нејзини писма, а кои откриваат смисла за хумор. Некои од сликите можеби допрва ќе искрснуваат, бидејќи таа понекогаш се потпишувала со името на мажот ѝ.