Во февруари 1968 во пабот Адмирал лорд Нелсон во Клибурн близу Лондон се одвивал необичен настан. Еден од редовните муштерии, Мајкл „Мик“ Мини, започнал нешто што денес би се нарекло перформанс. Пред стотина присутни легнал во сандак, кој откако бил запечатен со само еден отвор на капакот бил пренесен до најблиската градина, каде работниците почнале да го спуштаат во земја.
Преку дупката во дрвената кутија Мини им мафтал на собраните. Целта му била да привлече внимание врз себе и од целиот процес да излезе жив. Ова е многу пред предизвиците на ТикТок и сличните на нив. Но во времето во коешто се одвивала целата работа вакви потфати не биле непознати. Во 1950-тите биле популарни натпреварите во сместување што повеќе луѓе во телефонски говорници, како и предизвици со седење на јарболи кои се нишаат на ветерот. Во текот на Големата депресија и во САД и во Европа очајните луѓе за грст пари се натпреварувале во танцување до исцрпеност. Овие спектакли, кои често завршувале со повреди или смрт на натпреварувачите, привлекувале куп сеирџии.
Во 1960-тите почнал нов тренд во кој „инфуенсерите“ се закопувале живи, со само едно цевче или отвор низ кои им биле доставувани храна и воздух. Извесен Бил Вајт направил цела кариера од ова, нарекувајќи се „Живиот труп“, а се согласувал да биде закопуван поради спонзорства од различни компании, на пример такви за производство на автомобили. Кога ја запросил Лоти Хауард, уште еден професионалец во оваа работа, тоа го сторил со спуштање на прстен во нејзиниот сандак додека била закопана.
Историските податоци во врска со овие настани се главно усни и на граница на легенди. Но сепак постојат во медиумските архиви и на фотографии. Мини во моментот на перформансот имал 33 години и бил во одлична физичка форма. Негов помошник и некој вид менаџер бил Мајкл „Бути“ Сугру, поранешен циркуски изведувач и сопственик на спомнатиот паб. Единствена во друштвото кое не знаела ништо за планот била тогашната сопруга на Мини, Алис, која дознала за истото преку радио, седејќи дома бремена со нивното второт дете.
Во следните 61 ден колку што траел подвигот, секое утро Мини следел иста рутина. Правел некакви вежбички за да си ги стимулира мускулите. Појадокот и другите оброци му биле давани преку отвор. Единственото барање му се однесувало на светилка, за да може да чита весници или книги. Наместо одело какво што користеле другите „закопани“ колеги, тој носел сини пижами, а со себе зел и распетие. На 31-от ден прославил со чаша шампањско. Во еден момент новинар на Асошијетед прес преку отворот му симнал фото-апарат за тој да може да си направи селфи. Му бил овозможен и телефон за разговори со семејството и медиумите. Но местото не секогаш било обезбедено. При еден инцидент камион чиј возач немал поим што се случува влегол во дворот и нагазил врз тазе ископаната земја, заканувајќи се да го смачка Мини. Тоа бил единствениот момент кога помислил да се откаже од целата работа. Имало расправа дури и во долниот дом на британскиот парламент дали треба да се интервенира и тој на сила да биде извлечен.
Сето ова сепак влијаело врз целиот процес, па наместо планираните 100 денови, Мини бил убеден да излезе на 61-от. Биле потребни околу 30 минути за работниците да го извлечат од под земја. Кога излегол од сандакот имал голема брада и наочари за сонце за да одбегне заслепување од сонцето кое го немал видено два месеца. Сепак, бил видно расположен - побарал да биде однесен во пабот и да испие кригла пиво.
На негово изненадување, освен моменталната популарност, сето ова немало долгорочно влијание врз неговата кариера. Немало присутни претставници од Гинисовата книга, што значи неговиот потфат не можел официјално да биде признаен. Само неколку дена подоцна друг натпреварувач, спомнатиот Бил Вајт, излегол од под земја по 62 дена и 22 часа. Следел предизвик од страна на Мини - тие заедно да бидат закопани ама под бетонска плоча. За ова не се знае дали некогаш се случило. Од Гинис намерно не сакале да ги регистрираат ваквите потфати поради нивната ризичност. Но тие сепак продолжиле, а помеѓу натпреварувачите имало и поранешна калуѓерка, Ема Смит, која под земја издржала 101 ден.
Иако не бил светски шампион, Мини живеел на ловориките на овој потфат уште долго време. Умрел на 17 февруари 2003. И бил закопан, овој пат засекогаш.