Деновиве излезе вeст дека Амазон ќе ги прибира сите во канцеларија до јануари 2025, за петдневна работна недела. И други компании се обидуваат повторно да ја воспостават предпандемиската нормалност. Има аргументи и за и против, но во моментов погласни се изгледа вторите.
Еден од водечките експерти за организациска психологија и здравје, сер Кери Купер, ги нарекува работодавачите кои инсистираат на физичко присуство на работното место „диносауруси“, и тврди дека тоа (инсистирањето) ќе резултира со голем број откази од оние најталентираните и најкретивните, а ќе останат само оние што сметаат дека присуството пред очи на шефовите им е гаранција за задржување на работното место.
„За жал некои организации и компании размислуваат да ги натераат луѓето да се вратат во работната околина пет дена неделно. Мислам дека тоа се диносауруси на нашето време. Тоа е стариот 'командувај и контролирај' тип менаџмент“, вели тој. „Ако ги вреднувате и им верувате на луѓето дека ќе си ја завршат работата и ако им дадете автономија - а флексибилноста е дел од истата - тие ќе работат подобро, ќе ги задржите и тие помалку ќе страдаат од стресови“.
Купер го има измислено терминот „презентеизам“, кој е само навидум позитивен, бидејќи укажува на нечие присуство (во случајов на работното место), но всушност е иронично-критички, затоа што опишува такви вработени кои се физички присутни но не работат со полн капацитет бидејќи се преуморни или под преголем притисок. Овој термин од 1980-тите сега се враќа во изрази како „култура на презентеизам“, кој според противниците на враќањето во канцеларија со фиксно работно време негативно влијае врз економијата.
Работата од далечина го доживеа својот бум во текот на пандемијата. Тогаш експертите предвидуваа дека тоа ќе претставува трајна промена на работните практики. Сепак, голем број компании се враќаат кон старите политики, а помеѓу нив Голдман Сакс и спомнатиот Амазон.
Терминот го сретнавме и на македонски во прирачник за здрави работни места, на сајтот на Министерството за труд и социјална политика.