„Животниот пат на Хуго Прат бил до таа мера необичен што тој знаел дека секој новинар, поистоветувајќи го со неговиот најпознат јунак, ќе му го постави истото прашање: ’Дали сте вие Корто Малтезе?“. Но, Пратовиот живот го надминува неговото монументално дело, кое само на прв поглед изгледа како плод на чиста фантазија“, пишува Момир Турудиќ во „Кој е тој Корто Малтезе“ објавен во белградско Време од 2011.
На 95-годишнината од неговото раѓање се потсетуваме на овој автор кој уште од мали нозе бил „осуден“ на космополитизам и авантури. Роден во Римини во 1927, детството го поминал во Венеција, опкружен со семејните преданија кои имале англиски, италијански, еврејски, шпански и турски корени. Растел меѓу млади и „ни малку смерни“ тетки, го воспитувал и вујкото, морнар и светски патник, а семејството се занимавало со езотерија и кабала.
На седум години Хуго од сончаница го загубил помнењето и поминал шест месеци помеѓу деца со заостанат развој. Се опоравил преку ноќ, а се воспоставило дека поголемиот број другари со кои бил во „специјалниот“ клас глумеле заостанатост за да имаат помалку школски обврски. Еден од нив подоцна продавал сувенири на плоштадот Св. Марко во Венеција, и секогаш кога ќе го видел довикнувал: „Хуго, се сеќаваш ли кога бевме во она школо за дебили?“. Тоа обавезно го правел кога Прат бил во друштво со некој издавач или важна личност.
Со десет години доаѓа во Етиопија, тогашна Абисинија, каде татко му работел во војската. Се нурнува во чудесниот свет на Африка, учи амхарски - официјалниот јазик на земјата и среќава неверојатна галерија ликови од кои голем број подоцна ќе влезат во неговите стрипови. Со тринаесет станал војник во армијата на Мусолини, со шестнаесет во од војната зафатената Венеција се дружел со војници на меѓусебно спротивставените војски, самиот често менувајќи ги униформите, а со 22 се качил на брод кој пловел до Буенос Аирес, каде останал 13 години. Работел како цртач, играл танго, свирел по возови облечен во костим со перја од гавран и клун од патка.
Во понатамошниот живот неколку нешта ќе се издвојат како значајни, меѓусебно поврзани поглавја: војни, патувања, деца и жени (четири жени и шест деца, од кои три се родени во иста година; еден син од Индијанка од племето Шаванти од Амазонија) и стрипови. Славата поврзана со последново дошла кога почнал да црта епизоди од Корто Малтезе за списанието „Пиф“ кое излегувало во Париз. И покрај успехот, не му дале постојано вработување, затоа што уредниците никогаш не знаеле каде е и кога ќе се појави, но и затоа што редакцијата во тоа време се состоела од левичари, за кои некогашниот фашистички војник бил реакционер.
Низ годините научил седум јазици, нацртал речиси 7000 табли стрип, собрал 30.000 книги, ги запознал кабалата и вудуто, а по долгогодишното истражување на оностраното заклучил: „Мојот живот почнал уште пред да дојдам на свет, а претпоставувам дека ќе продолжи и кога мене веќе ќе ме нема“. Починал од последици на рак на дебело црево, а на погребот, на 20 август 1995, се слушала музика на Џо Пас и Дизи Гилеспи, додека свештеникот читал извадоци од автобиографијата на Прат, „Желба да се биде бескорисен“.