Едно свежо утро во март 1975, Криз Безлинтон, висок, русокос 27-годишник, пристигнал на станицата Бејкер стрит во централен Лондон. Тука дошол од својот дом во Есекс, надевајќи се дека ќе добие работа во британското градежно претпријатие Ејби Нешнл. Интервјуто поминало добро, па веднаш му била понудена позиција во одделот за односи со јавноста.
„Уште нешто“, додал директорот. „Ќе треба да работите и како секретар на Шерлок Холмс. Како ви звучи?“
Безлинтон мислел дека новиот шеф се зафркава, и со насмевка одговорил: „Со задоволство“.
Но тој наскоро ќе сфати дека ова не било шега, туку дека необичната позиција на секретар на фиктивниот лик од делата на сер Артур Конан Дојл била воспоставена четири децении порано, во 1932, кога компанијата ја отворила својата огромна централа изградена од мермер на Бејкер Стрит. Зградата била толку голема што ѝ биле доделени десет улични броеви, од 219 до 229. Преку ноќ, една од најславните книжевни адреси во историјата - 221б Бејкер стрит, домот на Холмс и неговиот партнер Џон Вотсон, станале реално место.
Од моментот кога Холмс прв пат се појавил во „Гримизна студија“, обожавателите од целиот свет пишувале на неговата адреса, верувајќи дека станува збор за вистинска личност. Во тоа време Бејкер стрит завршувала кај бројот 85, па оттаму поштата одела во отпад. Сега, кога градежната компанија почнала да ги добива писмата, наместо да ја извести поштата веќе да не ги доставува, таа одлучила да го искористи моментот за своја реклама.
Безлинтон бил седмиот секретар на Холмс и оваа улога ја вршел до 1982. Во текот на седум години тој проценува дека има добиено над 6000 поштенски пратки, и одговорил на секоја од нив. Голем дел од тоа биле благодарници упатени кон фиктивниот лик за неговата работа, но имало и барања за фотографии. Стандардното одбивање било дека секое споделување на слика би можело да му направи проблем на детективот, кој од очигледни причини мора да остане анонимен.
Денес Безлинтон има 72 години, а писмата се уште љубоморно ги чува, како актер кој некогаш ја добил улогата на својот живот и веќе никогаш не сакал да ја напушти. На поинтересните писма одговарал на истиот начин, покреативно, а одговорите ги куцал на старовремска машина за куцање. Во едно од нив се барало помош од него во откривање на атентаторот на Џон Ф. Кенеди од 1963. Чести биле прашањата за Бермудскиот триаголник, но се барало и тој да се ангажира околу локални случаи на убиства или исчезнувања кои долго време не биле расчистени. Писмата доаѓале од разни краишта на светот - Јапонија, Полска, Нов Зеланд. Некои биле напишани на странски јазик, па на пример оние од руски му ги преведувал пријател, дописник на советска „Правда“ од Лондон.
Позицијата „секретар на Шерлок Холмс“ била укината кога Ејби Нешнл се иселила од локацијата на Бејер Стрит, пред речиси две децении. Денес на Бејкер стрит 221б има музеј на Холмс. Вработените продолжуваат да одговараат на писмата кои пристигнуваат, а направиле пауза само сега, во текот на пандемијата.