„Го памтат, ете, само по некој од тие илјада сопатници од возот 671 на линијата Белград-Бар, сведоци кои на суд се сетија на човекот кој не можеше да молчи. А нема статистички помалубројно малцинство, нема поголема еднина и пострашна самотија од онаа во која не може да се молчи. Малкумина ги има такви, статистички еден на илјада. Како заборавениот Каштеланин Томо Бузов, човекот кој не можеше да молчи. Еден на илјада.“
Вака започнува колумната „Еден од илјада“ на Борис Дежуловиќ, посветен на Томо Бузов, „статистички Хрват“ од Рудине во Каштел Нови, во 1990-тите капетан од прва класа во „онаа“ војска, кој во Белград ја дочекал и пензијата и војната. Имал 53 години и син Дарко на отслужување на воениот рок во Црна Гора, каде и се упатил таа сабота, 27 февруари 1993 во десет наутро, со воз на линијата Белград-Бар.
На она што се случило во тој воз и на тој ден е посветен краткиот филм „Човекот кој не можеше да молчи“ на режисерот Небојша Сљепчевиќ, кој освои Златна палма за најдобар краток филм на неодамна завршениот Филмски фестивал во Кан. Ова во хрватските медиуми беше пречекано како „сензација“ - бидејќи тоа е и првиот хрватски филм кој се закити со ова престижно признание.
Возот бил застанат во местото Штрпци, кога српската паравојска од источна Босна од него ги изнеле сите патници со муслимански имиња. Само еден единствен патник се побунил - Томо Бузов. И тој, како и киднапираните, е убиен. Филмот го раскажува тој настан од перспектива на патник кој за разлика од Бузов си ја гледа својата работа и останува жив.
Овој патник го Горан Богдан, а улогата на српскиот капетан францускиот актер Алексис Маненти кого го запознавме како францускиот онколог во „Чуварите на формулата“ на Драган Бјелогрлиќ.
До сега Сљепчевиќ не беше истакнат како режисер на играни филмови, туку како документарист - два негови претходни документарци („Србенка“ и „Гангстерот те сака“) имаат добиено куп награди.
Инспирација за краткиот игран филм му бил токму текстот на Борис Дежуловиќ кој му бил испратен од продуцентот. Така прв пат слушнал за тој страшен случај. Веднаш добил визија за филмот а синопсисот го собрал во СМС порака.
Во трагичниот настан кај Штрпци биле убиени 19 цивили - за 18 од нив секоја година се фрлаат ружи во Дрина. Само за еден вообичаено нема ни ружа, ни молитва. Можеби после ова ќе има.