Циркуската точка во којашто настапувал „Човекот-був“ ветувал средба со луѓе со уникатни таленти или физички карактеристики. Така, Малата Дора јадела кал; Вичо бил најсилниот човек во галаксијата, а Леон Конџи можел да поднесе стотици игли по телото. Мартин Лорело, пак, го добил името по тоа што можел целосно да си ја заврти главата наназад.
Бил роден во Нинберг, Германија во 1885, а името го променил од Мартин Емерлинг кога пристигнал во САД во 1921. Прв пат ја презентирал својата точка во циркусот Дримленд на Кони Ајленд, истиот во кој претходно публиката присуствувала на инцидент во кој кротител под име капетан Џек Бонавита загубил една рака откако бил нападнат од „скротениот“ лав.
Лорело не само што можел да ја сврти главата како во цртан филм, туку откако ќе го сторел тоа можел и да пие пиво (додуша, иако е сликан со цигара, велат дека не можел да пуши). На банерот кој го најавувал неговиот настап пишувало „Боби - момчето со ротирачката глава“.
Следеле години патувања низ САД, а меѓу другото бил најмен од шоуто на Рипли, „Верувале или не“ во 1930-тите, каде бил рекламиран како „единствениот во светот кој може да оди напред, а да гледа назад“.
Кариерата му цветала, но приватниот живот му бил полн предизвици. Се оженил со извесна Лора Прехт и имал син по име Александар, се развел и потоа влегол во друг брак, кој исто така пропаднал. Втората сопруга судски го тужела поради напуштање и негрижа за нивните два сина, па полицијата на Балтимор го уапсила и тоа среде настап - додека главата му се вртела, тој им намигнал на полицајците. За ова пишувал дури и Њујорк Тајмс.
Сепак, најголемата сенка на неговото наследство се обвинувањата дека бил симпатизер на нацистите. Да се потсетиме - по потекло бил Германец, кој ја напуштил својата татковина набргу по Првата светска војна. Во таква ситуација веројатно им поверувал на повиците на Хитлер за обединување на нацијата и економски напредок.
За неговите последни години не се знае многу. Последниот регистриран настап му е од 1952, три години пред да почине од срцев удар. Како воопшто бил способен да ја врти главата до денес не е јасно. Некои тврдат дека имал дислоцирано неколку пршлени по циркуска несреќа, кога настапувал во поинакви точки. Други велеле дека бил роден со „необичен“ р'бет. На крај, отсуство на рентгенска снимка го остава прашањето отворено. Самиот Лорело велел дека секој може да го прави тоа со доволно вежбање. Сепак, не го правете тоа дома, или каде било на друго место.