Прашањето е на место, затоа што за во моментов најстариот новинар во Македонија, кој известувал од повеќе од дваесет земји во светот, и е најплоден преведувач од англиски на македонски на капитални книжевни дела, на интернет може да се најде само кратка статија на Википедија и ниту едно пишувано интервју.
Роден 1928, на свои 88 години, Свето Серафимов е уште крепок, со јасна мисла и неверојатна меморија, која е истовремено и историска, бидејќи се однесува на времиња, имиња и светови кои или одамна ги нема или полека згаснуваат. Елегантно облечен во светол костум и шешир, тој ни дојде на гости со внукот Дамјан, студент по етнологија. Го послуживме бела ракија, „дежуловача", направена од неговиот хрватски колега по перо. Со чашката ракија мазно течеше и муабетот.
Кога и како почнавте да учите странски јазици?
Јазикот ми беше афинитет, уште во средно школо. Прво учев француски, ми предаваше Лазо Алексовски, може сте чуле за него. Тој во тоа време преведуваше дела од Гете, од Хајне, германист, но знаеше и француски. Така, кога почна нашата школа на македонски, во 1945 година, тој ми предаваше француски, а потоа и македонска литература. Многу беше приврзан кон мене, стално моите писмени работи ги издвојуваше, ме тераше да ги читам на глас. Имав талент за пишување и за јазици.
Во текот на средното учев и руски и англиски, тоа беше трговска гимназија. Со учење јазици продолжив на факултет во Белград, на новинарско-дипломатската висока школа. Таму имаше еден Бркиќ, Светозар, тој после и тука предаваше, кај него слушав англиски. Руски ми предаваше некоја Марчетиќ, а после и Душан Недељковиќ, уште за време на стара Југославија тој бил тука во Скопје и предавал филозофија. Видо Латковиќ ми предаваше теорија на литература, Воислав Ѓуриќ античка книжевност. Новинарски предмет ми предаваше Душан Тимотијевиќ, тогаш веќе пензионер, ама многу познат. Сите беа многу квалитетни професори, од кои многу научив.
Се сеќавате ли која ви беше прва преведена книга?
Во 1948 Лазо Каровски, поетот, со кого бевме цимери, доаѓа еден ден, вади едно книвче, „Инџе" се викаше од Јордан Јовков, Бугарин. Вика: „Свето, ај преведи го ова, јас мора да одам на пат, немам време". 64 страници имаше, проза. Се работеше за Крџалиите што вршеле зулуми во турско време, таму во Бугарија. Го преведов за неколку дена, многу мало беше, и го објавија во, мислам се викаше Државно издавачко претпријатие. Тоа беше првата книга што ја имав преведено.
Следната година Култура објави книшка, брошура по повод стогодишнината од Комунистичкиот манифест, Великиот програмски документ на комунизмот од Миндлин и Јакобсон, неа ја преведував од руски.
Имате ли некаква евиденција колку книги до сега сте превеле? Од кои јазици преведувавте?
Преведував од англиски, од француски и од руски. Не ги знам сите исто, англискиот најдобро го знам, но и рускиот доста добро. Францускиот послабо, меѓутоа се служев со речник. Имам направено список на наслови, 102 книги, од кои шест се уште не се објавени. Главно се романи - „Моби Дик“, „Улис“, „Ајванхо“, „Оркански височини“, интегралниот „Оливер Твист" од Чарлс Дикенс, „Тристам Шенди" од Лоренс Стерн, „Љубовникот на лејди Четерли" од Лоренс, „Американска трагедија" од Драјзер, „Одвеано од виорот" од Мичел. Има и стручна литература, како „Потеклото на видовите" од Дарвин, „Историја на САД" на Бринкли или книги од психологија. Најмногу преводи правев за Мисла. Со Божин Павловски некако се сложувавме, и кај него секоја година работев по 2-3 романа, преведувани на машина, додека не отидовме на компјутери.
Престанав да преведувам пред отприлика три години. Меѓу последните ми беа три романи од еден руски писател, Борис Акунин, „Азазел", „Турски гамбит" и „Левијатан".
(Состанок во Нова Македонија, 1962, лево се гости од Белград, на чело е Панче Михајлов, тогашен директор на Нова Македонија, Свето Серафимов е со цигарата десно)
Сепак, главна професија ви била новинарството.
Да, прво работев во внатрешна рубрика на „Нова Македонија", па во културна. Сакав да останам во културна, но Мито Хаџи-Василев Јасмин, тој ми беше професор уште во средно школо, а после и во редакција беше главен уредник, дојде еден ден, вика „Свето, ќе бидеш уредник". Јас мислев, затоа што работев во културна, а уредничката Ружа Бак често одеше на боледувања, дека таму ќе ме стават. Утредента одам кај него, вика - ќе бидеш уредник, ама на надворешна рубрика. Од кај сега ова, си викам, не сум работел воопшто во надворешна. Се изненадив, ама тој вика нема врска, добро те познавам, знам дека можеш да го работиш тоа. Утре ќе ми одговориш дали сакаш или не. И ајде, прифатив. Тоа беше 1962 година.
Но тоа што ве повикале во надворешна сепак имало предисторија.
Да, уште во 1956 бев на Кипар и во Грција, иако не бев во надворешна, ме пратија бидејќи знаев јазици. Се случи така што се запознав со еден грчки новинар, и тој ми предложи, вика - „Сакаш ли интервју со Макариос?". Макариос тогаш беше архиепископ и ја водеше борбата на Кипар за ослободување од британскиот колонијализам. Односно тогаш водеа борба и за присоединување со Грција, ама тоа не им помина. И тој вика, сакаш ли интервју со Макариос? Како не сакам, велам. Пиши вика прашања, да му ги испратам. Пишав јас, и утредента вика ајде, да одиме. Отидовме, направивме интервју и по два три дена требаше да патувам за Атина. Му го кажав тоа на Макариос, вика и јас ќе патувам. Кој ден - тој ден, знам петок беше. И дојде петок, го чекаме човекот на аеродром, го чекаме, го одлагаат поаѓањето на авионот. Кога едно време викаат Макариос е одведен на Сејшелски острови, Англичаните го депортирале. А јас интервјуто го имав в џеб, си викам сега ова е - бомба!
Одма се расчу тоа, ја идам во амбасадата наша во Атина, амбасадор беше Петко Дапчевиќ, од воените команданти некогашни, на нашата Тијана, на нејзиниот маж татко. И доаѓам ја во Атина, му кажувам дека имам интервју со Макариос, вика „Како бе така?". Јас млад новинар, ни шест години искуство. Вика „Ај да го продадеме" - се зафркава, знае дека нема да го дадам. И се јави во Ројтерс во Лондон, вика имам интервју ексклузивно со Макариос, тие му викаат 1000 фунти, ако сакате појќе да прашаме во централа. Викам какво продавање - никако! Кога дојдов во редакција тоа беше...еуфорија. Таа година добив и награда од Здружението на новинари за најдобар текст.
(Конакри, Гвинеја, 1961 година)
Од кои други места сте известувале?
1975-6 бев во Бејрут за време на граѓанската војна. Тие две места ми беа како постојан дописник. Инаку сум патувал во 25 земји како известувач. Секогаш сам - овие екипи, од телевизија, од радио, одеа со сниматели, со луѓе, јас секогаш сам, секогаш каде што имаше војни, жаришта. Фала богу не сум доживеал некоја страшна работа, но знаеше да биде опасно. На пример во Бејрут секоја ноќ имаше канонади - ние бевме на арапската страна, кај што беа муслиманите, христијаните на друга, и се бомбардираа едни со други, фрчеа гранати.
Во 1960, во декември месец, отпатував во Западна Африка, Гана, Гвинеја, Мали и Сенегал. Требаше и повеќе земји да посетам, но тогаш тие беа под колонијална власт па тешко се добиваа визи. Патував со брод од Сплит до Дакар во Сенегал, потоа со авион. А назад се вратив со - авион на Тито! (се смее) Тито тогаш дојде во тие земји, во Гвинеја и Мали, со него патував од Конакри до Бамако и назад. Авион доаѓаше кај Тито бидејќи тој беше на долга турнеја, од Гана па по брегот, до северна Африка во Алжир, Тунис, Египет, и за целото тоа време му праќаа авион да донесе пошта. Со негов авион се вратив од Гвинеја во Белград.
Сум бил во Иран кога дојде Хомеини, кога беше опколена американската амбасада со месеци. Баш кога бев таму дојде до удар во Авганистан, Русите дојдоа, беше убиен Иди Амин поранешниот претседател. И одма отидов, за среќа имав виза авганистанска, затоа што бевме планирале да одам во Авганистан, Иран и Ирак. Во Авганистан отидов само неколку дена после доаѓањето на Русите, уште не беше ситуацијата средена, уште немаше врски со светот. И успеав некако на машина да напишам текст, и да го испратам преку германски новинар кој одеше за Пакистан, до еден македонски новинар кој беше дописник од Индија, Зоран Дограмаџиев му беше името. Нему му го испратив, и тој од таму по телекс го испратил до редакцијата. Утредента беше објавено во весник, и тоа беше меѓу првите извештаи што стигнаа од лице место за ситуацијата во Авганистан во тогашна Југославија.
(Вселенски центар „Кенеди“, Флорида)
Кога се претставувавте тогаш, што кажувавте, од каде доаѓате?
Секогаш кажував југословенски новинар. Само кажи Тито и готово, сите знаат. Не требаше Југославија, Тито, тоа беше доволно.
Го следите ли денешното македонско новинарство? Што мислите за него?
Го следам. она што не ми се допаѓа е што многу малку има вистински коментари, има сирово известување, најобично. Па и тоа не е баш професионално работено. Да не зборувам за печатни грешки, самата композиција на извештаите не ми се допаѓа. Сè е тоа фати-пушти, тој рече, овој додаде...Коментаторите се повеќе саркастични, само да зафркаваат некого. Ама добро е што има такви кои ги кажуваат работите отворено.
Имало ли некакви ограничувања во пишувањето во тоа време? Се спроведувала ли цензура?
Никогаш, барем јас колку што знам. За тие внатрешните работи можеби колегите добивале некои инструкции, како-што да пишуваат. Ние во надворешна само сме добивале билтени, „црвен билтен" го викаа, со изводи од странски печат преведени на српски, по избор на тие што работеа во Танјуг. Доста се информиравме и можевме да правиме коментари.
Југославија беше отворена, имаше соработка и со запад и со исток, и со неврзаните. Денес е многу полошо. Се зборува дека тогаш имаше цензура, ама никој не ми дошол да ми каже напиши ова или она. Сум пишувал и на „шкакливи" теми, односи со Бугарија, со Грција, ама Јасмин ќе погледне, ќе направи некоја исправка но никогаш не рекол „не треба вака да пишуваш".
Имате големо искуство, и животно и професионално. Што би им порачале на младите новинари?
Во Нова Македонија бев еден од вработените со најдолг стаж, 38 години, и секогаш кога се објавуваше конкурс за млади новинари им држев предавања за надворешна политика и општо за новинарство. Денес кај младите нема дисциплина, и се многу зајадени меѓу себе. Не знам што би им порачал, затоа што и не знам како некои од нив воопшто доаѓаат до тоа да се занимаваат со новинарство. Би требало сè од почеток.
Денес има интернет, различни технологии за следење на настаните, за пишување. Како се снаоѓавте тогаш?
Тогаш имаше телекс, обичен телекс. Куцав на машина, и преку пошта ги праќав текстовите. Тоа е исто како интернет, ама поштата го праќа, не ти сам. Само во Сирија едно време ми бараа да ги давам извештаите на проверка и да бидат напишани и на англиски. Инаку во други земји не. Постојано патував како известувач, но кога се враќав секогаш ми го чуваа уредничкото место. На него и се пензионирав, во 1988.
Да се вратиме на преводите. Дали младите преведувачи некогаш ви се обраќаат за совет, особено што некои наслови што вие сте ги превеле сега се преведуваат по втор пат?
Некои се обраќаат. Јас бев меѓу првите преведувачи од англиски, не бев прв ама другите преведоа по две три книги и престанаа. Јас не се откажав. Го сметав преведувањето за хоби, но и како втора професија, бидејќи редовно го работев. После работа во весникот, дома, до дванаесет сатот навечер, куцав на машината. Норма ми беа 4-5 страници на ден. Откако преводот ќе поминеше на лектура ми го враќаа да го видам. Секогаш сум водел сметка многу да не ми преправаат. Но генерално не им создавав проблеми, бидејќи чисто преведував.
(со внукот Дамјан)
Ги следите ли денешните преводи на македонски? Како ги оценувате?
Гледам дека претерано се допуштаат ситни грешки. Има и такви преводи кадешто се гледа дека е преведено од српски, тој што знае веднаш забележува. Ужасно е падната и цената, сега е најслабо платен преводот од кога и да е. Но тој што професионално си ја врши работата, си ја работи.
Денес кога ги читате вашите први преводи, дали забележувате дека македонскиот јазик се сменил, еволуирал? Како ви изгледаат овие промени?
Тие мои први преводи би требало многу да се преправаат за да бидат соодветни на денешниот јазик. И да сакате да го кочите, мора јазикот да се развива. Се противам само на премногу заемки од англискиот. Французите донесоа едно време пропис да не смее да се употребуваат странски зборови, ама пропадна тоа. Не иде. Само, кај нас се претерува. Треба да се смислуваат неологизми, и така да се воведуваат нови зборови кои влегуваат во литературата, а онаму кадешто постои збор на македонски, тој да си се употребува. На пример „едукација". Зошто едукација, кога си има „образование", „обука" и сл.
Дали имате ваш превод што ви е особено драг?
Па еве, од постарите Улис, Моби Дик, Оливер Твист. „Сатански стихови" ми е драг роман, бидејќи први го издадовме во Југославија. Инаку, омилени автори ми се тие што пишуваат за нешта од реалниот живот, на пример фантастика не ми се допаѓа, а ни оние претерано еротски работи. Сум ги преведувал, сè сум преведувал. Но ми се допаѓа тоа од животот. Не мора да биде сегашно, може да биде и класика.
Мој совет до младите преведувачи е да не преведуваат буквално, најлоша работа е буквален превод. Секогаш треба да се води сметка кажаното да е во духот на нашиот јазик, не како што се зборува на англиски, на француски, туку ние како што зборуваме. Можеби притоа ќе изгуби делото во стилот, но ќе добие во значењето, да се пренесе суштинското. Секогаш да вртат речници, лексикони, да го доловат вистинското што го кажува авторот, а не само да брзаат да исфрлат производ.
Разговараше: Илина Јaкимовска